Економија
Нов роботизиран погон на АСП-ПАК во Охрид, Мицкоски најави подршка за секоја инвестиција што носи додадена вредност
Владата ќе даде целосна поддршка на секој инвестициски проект што носи додадена вредност и придонесува за економскиот развој на државата – порача премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид, каде што присуствуваше на церемонијата на поставување камен-темелник на нов производствен капацитет на компанијата АСП-ПАК.
Мицкоски изрази задоволство што инвеститорот, во соработка со Владата, одлучил да инвестира во нов производствен погон за производи за кои, како што рече, компанијата е меѓу светските лидери.
– Тоа претставува посебна гордост за Владата, за Охрид, но и за Македонија како држава – да имаме еден од светските лидери токму дома, кој со оваа инвестиција дополнително го зајакнува своето присуство во локалната и националната економија – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе биде партнер и ќе го поддржи проектот оценувајќи дека инвестицијата има голема додадена вредност и дека заедно со компанијата ќе се работи на дополнително потврдување на нејзината водечка позиција на светскиот пазар.
Како посебно значаен момент, Мицкоски го посочи фактот што новата производствена линија ќе биде целосно роботизирана и ќе користи апликации на вештачка интелигенција.
– За мене, како претседател на Владата, но и како професор, особено задоволство претставува тоа што оваа линија ќе биде комплетно роботизирана и ќе се користат апликации на вештачка интелигенција, односно современа технологија од највисоко ниво – истакна премиерот.
Тој изрази уверување дека новиот производствен капацитет во Охрид, во вредност од над десет милиони евра, ќе биде поттик и за другите инвеститори во земјата да применуваат вештачка интелигенција и роботизирани системи, со цел да го зголемат и оптимизираат производството.
Во име на компанијата пред присутните се обрати директорот на АСП-ПАК, Кирил Спасески, кој се заблагодари за поддршката од Владата и за препознавањето на потенцијалот на инвестицискиот план, како и за склучувањето договор за стратешко партнерство.
– За нас, ова не е само финансиска поддршка, туку е ветер во грбот, признание дека сме на вистинскиот пат, но и уште поголема одговорност што треба да ја оправдаме пред вас. Со ова партнерство добиваме и нов член на нашиот тим пред кого имаме обврска да одговараме за резултатите и за сè што правиме… – рече, меѓу другото, Спасески.
Меѓу целите на новата инвестиција, тој посочи дека по завршувањето на проектот, ќе се обезбеди двојно поголем производствен капацитет, стопроцентен квалитет на производите, преполовување на роковите за испорака, како и просечна плата на вработените од 1.500 до 2.000 евра.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека развојот на општините не може да се замисли без силен и одржлив економски раст.
– Создавањето поволна деловна клима, поттикнувањето на инвестициите, поддршката на домашното стопанство и отворањето нови работни места се важни предуслови за економски просперитет на локалната заедница, но и за подобри перспективи за граѓаните. Присуствуваме на почетокот на нова развојна приказна, која има значење за економската иднина на Охрид – рече Пецаков.
Според него, новиот современ производствен комплекс на АСП-ПАК е значаен инвестициски чекор и потврда дека Охрид има потенцијал да придонесе за развојот на македонското стопанство.
Компанијата АСП-ПАК е основана во 2000 година како мал семеен бизнис за производство на плетени полиетиленски производи за пакување, како и мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата. Нејзините производи се извезуваат во повеќе од 50 земји, а компанијата соработува со над 500 клиенти.
ноември 9, 2026

