Забава
Ретко голем бел тартуф од 850 грама продаден за 100.000 евра на аукција во Италија
Ретко голем бел тартуф со тежина од 850 грама е продаден за рекордна сума од 100.000 евра на меѓународна аукција во италијанскиот град Алба, во регионот Пиемонт, објавија денеска италијанските медиуми.
Престижниот примерок го купил купувач од Хонгконг за време на 27. издание на традиционалната меѓународна аукција, на која учествувале купувачи од целиот свет, вклучително и од Виена, Бангкок, Лондон, Бразилија и Макао. Покрај оваа продажба, локален претприемач издвоил 14.000 евра за друг тартуф тежок 300 грама. Вкупната вредност на сите продадени тартуфи на овогодишното издание достигна 545.800 евра, што претставува втор највисок финансиски износ во историјата на оваа манифестација.
Организаторите истакнуваат дека сезоната била доведена во прашање поради претходната суша, но неодамнешните врнежи ги подобриле условите за опстанок на овие подземни печурки. „Оваа година тартуфите претрпеа одредени штети поради сушата. Сепак, благодарение на неодамнешните дождови, сезоната сега очигледно се подобрува и се надеваме дека остатокот од годината ќе биде подобар“, изјави Роберто Бодрито, регионален претседател на здружението што ја организира аукцијата.
Белите тартуфи во гастрономијата се познати како „бело злато“ поради нивната исклучителна вредност, која произлегува од нивната екстремна реткост, специфичните природни услови и фактот што не можат вештачки да се одгледуваат, туку растат исклучиво под земја во симбиоза со корените на дрвјата.
ноември 9, 2026

