Connect with us

Регион

Противпожарната служба на Грција доби 742 нови возила

Зајакнувањето на противпожарната служба претставува цврст приоритет и одговорност на Владата кон граѓаните на кои им е потребна заштита, но и кон нашите пожарникари, кои секојдневно преземаат тешки и опасни задачи. Со обука, координација и современа опрема, ги зајакнуваме подготвеноста и ефикасноста на службата, посочи министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас откако противпожарната служба доби нови 742 возила, јави дописничката на МИА од Атина.

Модернизацијата и зајакнувањето на оперативните средства на противпожарната служба е во рамките на Националната програма за цивилна заштита „Егис“ со вкупна вредност од 2,1 милијарди евра, финансирана преку Фондот за закрепнување и отпорност, Европскиот фонд за регионален развој преку програмата ЕСПА и Европската инвестициска банка, а планирано е да бидат вклучени над 1.320 нови возила.

Противпожарната служба веќе располага со 742 нови возила, од различни типови во вредност од околу 79 милиони евра.

Дел од нив се со капацитет од 12.000 литри, а заедно со цистерните за транспорт на 20.000 литри вода, според Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, ја зголемуваат достапноста на вода и овозможуваат континуирана поддршка на противпожарните операции.

– Важноста на овие испораки најдобро се гледа на терен. При шумски пожар, при поплава, при акција за спасување и извлекување. Во тешко пристапни планински области или во тесна улица на некој остров. Токму таму соодветното возило и вистинската опрема можат да го одредат текот и исходот на една интервенција, посочи министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција.

Тој додаде дека преку програмата „Егис“ се зајакнуваат копнените и воздушните средства, се модернизираат инфраструктурните капацитети и применуваат современи системи за рано предупредување, комуникација и координација.

Ad
Ad