Регион
Грција и Кина, по 11 години преговори, постигнаа договор за извоз на грчки цреши на кинескиот пазар
По 11 години преговори за отстранување на фитосанитарните пречки што досега не дозволуваа извоз на грчките цреши на кинескиот пазар, Грција и Кина постигнаа договор, а официјалниот протокол што ќе го потпишат двете земји се очекува да отвори нови перспективи за грчките производители и извозници – информираа од министерствата за надворешни работи и за земјоделство и храна на Грција – јави дописничката на МИА од Атина.
Двете министерства преку заедничкото соопштение информираа дека договорот за фитосанитарните барања беше постигнат по долгогодишни технички преговори меѓу надлежните служби на Грција и Кина, а процесот беше финализиран за време на посетата на заменик-министерот за надворешни работи Харис Теохарис на Кина и средбите што ги одржа со кинеската страна.
– Грчкото барање беше поднесено во 2015 година и оттогаш следуваа последователни рунди преговори меѓу Дирекцијата за заштита на растителното производство при Министерството за земјоделство и храна и Генералната дирекција на царината на Народна Република Кина. Двете страни веќе стигнаа до договор за фитосанитарните барања што ќе го регулираат извозот на свежи грчки цреши. Станува збор за особено строги стандарди, кои предвидуваат систематски контроли во овоштарниците во текот на целата година, како и конкретни мерки за справување со болестите од интерес за кинеските власти – соопштија од грчките Министерства.
Објаснија дека овие барања детално ќе бидат утврдени во официјалниот фитосанитарен протокол што треба да биде потпишан меѓу двете земји, а потоа заинтересираните грчки извозници ќе може да се регистрираат во посебен регистар и да го добијат потребното одобрение од кинеските власти, со што ќе стекнат право да извезуваат грчки цреши во Кина.
ноември 10, 2026

