Connect with us

Забава

Единствениот примерок од полисата за осигурување на трупот на „Титаник“ ќе биде продаван на аукција за 59.966 евра

Единствениот примерок од полисата за осигурување на трупот на „Титаник“, која го осигурувала бродот и за време на неговите пробни пловидби, ќе биде понуден на аукција на 21 ноември во Велика Британија, со вредност од 30.000 до 50.000 фунти (околу 35.980 до 59.966 евра).

Станува збор за документ издаден од Американската осигурителна компанија „Atlantic Mutual Insurance Company“, еден од главните осигурители на бродот, со кој се потврдува дека неговиот челичен труп бил осигуран на 100.000 долари.

Полисата била потпишана на 27 март 1912 година, само 19 дена пред да потоне, по ударот во санта мраз за време на своето прво патување кон Њујорк., на кое загинале околу 1.500 луѓе. Сумата била исплатена во рок од 30 дена по несреќата.

 Полисата, чија вредност денес би изнесувала приближно 3,5 милиони долари, била со важност од една година, почнувајќи од 30 март 1912 година. Особено значајно е рачно допишаната забелешка на документот, која потврдува дека осигурувањето ја опфаќало и пловидбата на „Титаник“ од Белфаст до Саутемптон, како и евентуални пробни пловидби во текот на тоа патување, односно, полисата го покривала и патувањето до пристаништето од кое требал да тргне на своето прво патување со патници. Затоа, документот претставува редок историски доказ за осигурувањето на „Титаник“ пред почетокот на неговата комерцијална пловидба.

„Колку што ни е познато, овој документ е единствен од ваков вид бидејќи не успеавме да пронајдеме податоци за претходна продажба на оригинална полиса за осигурување на самиот ’Титаник‘, а уште помалку на документ издаден од еден од неговите главни осигурители“, наведува аукциската куќа на својата веб страница.

Компанијата „Atlantic Mutual“ била основана во 1838 година во САД, а во средината на 19 век прераснала во најголемо друштво за поморско и општо осигурување во Северна Америка. Меѓу нејзините клиенти била и компанијата „Oceanic Steam Navigation Company“, во чија сопственост бил „Титаник“. Се верува дека „Atlantic Mutual“ осигурала поголем дел од бродот отколку кој било друг поединечен осигурител што учествувал во заедничкото осигурување.

Таа компанијабила вклучена и во обработката на отштетните побарувања поврзани со терористичките напади во Њујорк, на 11 септември 2001 година, а во 2011 година ѝ биле одземени дозволите за вршење дејност, по што била започната постапка за нејзина ликвидација.

Ad
Ad