Скопје
Признанија за професорите кои реализираат заеднички наставни часови во осум скопски средни училишта
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, им врачил признанија на професорите кои учествуваат во реализацијата на заедничките наставни часови во средните училишта во главниот град.
-Денес, заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, им оддадовме заслужено признание на професорите кои со својата посветеност, знаење и ентузијазам ги поврзуваат младите преку заедничките наставни часови. Позади секој час стојат труд, трпение и искрена верба дека секое дете заслужува да биде прифатено, почитувано и охрабрено да го покаже најдоброто од себе. Токму професорите создаваат простор во кој учениците учат заедно, градат пријателства и откриваат дека различностите се богатство што нѐ зближува – напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Скопскиот градоначалник изрази благодарност до професорите и училишните тимови од осумте средни училишта во надлежност на Град Скопје – „Браќа Миладиновци“, „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Цветан Димов“, „Д-р Панче Караѓозов“, „Арсени Јовков“, „Димитар Влахов“ и гимназијата „Јосип Броз Тито“.
-Вашата професионалност, истрајност и секојдневна посветеност се срцето на оваа иницијатива и причината таа да трае и да создава резултати. Од 2018 година, деветта година по ред, Град Скопје континуирано го поддржува овој модел во сите осум средни училишта во наша надлежност во кои наставата се одвива на различни наставни јазици. Горди сме што сме единствената локална самоуправа во државата со ваков континуитет, но уште повеќе сме свесни за одговорноста да продолжиме да го унапредуваме – посочува тој во објавата.
Ѓорѓиевски упати благодарност и до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за, како што наведе, долгогодишното партнерство, стручната помош, обуките и поддршката за професорите и училиштата.
-Заеднички создаваме образовни можности што оставаат трајна вредност за младите и за целиот град – нагласи градоначалникот.
На крајот, тој им честиташе на добитниците на признанијата и порача дека Град Скопје ќе продолжи да ги поддржува иницијативите што придонесуваат за градење доверба, почитување и заедништво меѓу младите.
-Иднината на Скопје расте во нашите училници. А наша обврска е секое дете во нив да го најде своето место и својата можност за успех – напиша скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.
ноември 10, 2026


