Економија
Димитриеска-Кочоска: Да правиме разлика меѓу факти и политички интерпретации, документи и претпоставки
Изминативе денови во јавноста беа изнесени бројни тврдења и обвинувања за наводна вмешаност на Министерството за финансии во случајот со Алта банка Битола. Сакам да нагласам дека кога станува збор за вакви сериозни прашања, должни сме да правиме разлика меѓу факти и политички интерпретации, меѓу документи и претпоставки, како и меѓу институционална одговорност и политичка конструкција, рече министерката за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска на надзорната расправа, пред Комисијата за финансирање и буџет.
Како што истакна, очигледно, во изминатиот период имаше обид одговорноста да се утврдува преку политички изјави, наместо преку законите, документите и конкретните постапки. Но, институционалната одговорност не се утврдува со гласноста на обвинувањето, туку со надлежноста и со доказите.
Димитриеска-Кочоска напомена дека ингеренциите мора да се знаат и да се разграничат, а Министерството за финансии е подготвено да одговори на сите прашања што се во рамките на неговите законски надлежности, како и да ги презентира релевантните информации и документи.
Таа оцени дека оваа расправа е важна можност да се отворат сите клучни прашања поврзани со случајот Алта банка Битола и врз основа на фактите и документите, точно и транспарентно да се информираат пратениците и јавноста.
-Министерството за финансии и Народната банка имаат различни законски дефинирани улоги во финансискиот систем. Министерството за финансии, во рамките на своите надлежности, одговорно управува со јавните финансии, ја води фискалната политика, се грижи за фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг и обезбедува предвидливо и сигурно финансирање на буџетските обврски. Тоа е наша институционална одговорност и обврска кон граѓаните и економијата. Во делот на финансискиот систем, Министерството подготвува и предлага законска регулатива, вклучително и од областа на банкарскиот сектор, учествува во креирањето на политиките и ги оценува макроекономската состојба и потенцијалните фискални импликации од евентуална финансиска криза. Но, надзорот над банките, издавањето и одземањето дозволи за работа, оценувањето на исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество, како и преземањето надзорни и корективни мерки, се во надлежност на Народната банка, како независна институција. Тоа не е прашање на политичко толкување, ниту на волја на која било институција. Тоа е законски утврден систем на надлежности и одговорности, истакна министерката.
Банкарскиот систем, додаде, е еден од најстрого регулираните сегменти на економијата, токму поради неговото значење за довербата на граѓаните, сигурноста на нивните депозити и стабилноста на целокупната економија.
– Затоа, одлуките во овој сектор мора да се носат врз основа на закон, стручни процени и утврдени процедури. Секако, финансиската стабилност бара соработка, размена на информации и координација меѓу институциите. Но, соработката не значи преземање туѓи надлежности, ниту одговорноста на една институција може да се префрли на друга само зашто тоа некому политички му одговара. Министерството за финансии е подготвено да одговори на сите прашања што се во рамките на неговите законски надлежности и да ги презентира релевантните информации и документи. Нашата обврска е да работиме законски, одговорно и транспарентно, со целосно почитување на независноста на институциите и на принципите на владеење на правото. Верувам дека денешната расправа ќе придонесе јавноста да добие јасна слика за институционалните улоги и одговорности, врз основа на факти, а не на шпекулации, рече министерката.
ноември 11, 2026

