Connect with us

Економија

Власта и опозицијата за предлог-буџетот за 2027 година: За СДСМ – тој е неразвоен, за ВМРО-ДПМНЕ – решава проблеми, создава развој, но и исплаќа долгови од минатата власт

Власта и опозицијата ги вкрстија аргументите за предлог-буџетот за 2027 година. За опозицијата, тој е неразвоен, скратени се парите за наука, борбата против корупцијата и животниот стандард на граѓаните, а за власта – со предлог-буџетот се обезбедува редовно сервисирање на обврските и се исплаќаат долговите создадени од минатата власт.

Според Фатмир Битиќи од СДСМ, буџетот е неразвоен, државата одвојува огромни средства за да ја одржува економијата каква што е, а развојната компонента е намалена.

– Оваа оценка добива уште поголема тежина кога ќе го прочитаме мислењето на Фискалниот совет, кој предупредува дека Владата го напушта т.н. златно правило на јавните финансии – рече Битиќи.

Тој посочи дека се намалени средствата за борба против корупцијата, за научноистражувачка работа, за борбата против семејното насилство… 

– Во буџетот за 2027 средствата за ДКСК се намалени. Владата најавува борба против корупцијата, но не покажува зајакнување на финансиските капацитети кон институцијата што треба да ја спречува корупцијата – рече Битиќи.

Според Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, предлог-буџетот за 2027 година е буџет што решава проблеми и создава развој и проекти, но и буџет со кој мора да се исплатат долговите што ги направила минатата власт. 

Посочувајќи дека се одвојуваат пари за редовна исплата на пензиите и платите и за сите други редовни обврски на буџетот, Стојановски упати и една молба до министерката за финансии – јавно да каже дека наследиле преголеми долгови, кои достасуваат за исплата.

– Министерке, премалку време посветувате да им објасните на граѓаните што наследивте. Мојата критика кон Вас е што не му кажавте на народот за што биле потрошени долговите што сега се враќаат, како наследивте испокраден буџет и над 9 милијарди евра, кои биле земени и биле највисоки досега – рече Стојановски. 

Претседателот на Фискалниот совет, Амбулменаф Беџети, со препорака „да не се робува на проекциите, туку да се посвети внимание на златните фискални правила“.

– Да не им робуваме на бројките што сме ги нормирале. Ниедна земја членка на ОЕЦД, ниедна земја на Европската Унија не може докрај да ги почитува своите фискални правила. Дајте повеќе да се посветиме на златните фискални правила, а едното од нив е да водиме сметка за висината на капиталните инвестиции, на нивниот квалитет и на нивната реализација, како и враќање на долгот кон економијата што државата го има, особено ДДВ-то, субвенциите што ги даваме кон извозно-ориентираните компании и слично – рече Беџети.

Седницата продолжува в понеделник во 11.30 часот.

Ad
Ad