Сцена
Кожната јакна на Мајкл Џексон од „Трилер“ оди на наддавање
Црвено-црната кожна јакна од легендарниот музички видеоспот за „Трилер“ (Thriller) и други предмети што му припаѓале на Мајкл Џексон се изложени во Њујорк, во пресрет на аукцијата што ќе се одржи во Абу Даби – главниот град на Обединетите Арапски Емирати, на 7 декември.
Предметите беа претставени во САД во вторникот. Меѓу нив е изложен костумот во боја на крем, кој Џексон го носел во музичкиот спот за „Смут криминал“ (Smooth Criminal) од 1988 година. Покрај тоа на наддавањето ќе се најдат потпишаната јакна од спотот за пената „Трилер“ од 1983., како и две јакни од турнејата „Лош“ (Bad) (1987 – 1989) – една потпишана јакна со токи и јакна со натпис „Специјален службеник“ (Special Officer) со кожни ремени. Колекцијата вклучува и две бели ракавици со светкави детали. Овие предмети се дел од аукцијата насловена „Мајкл Џексон: Модно наследство“ (Michael Jackson: The Fashion Legacy) на аукциската куќа „Џулиен’с окшнс“ (Julien’s Auctions).
Исто така, изложени се и чевли носени за време на сценски настапи во 1990-тите, како и ремен од албумот „Bad“, изработен од сребро и 18-каратно бело злато, којшто Џексон го носел на доделувањето на „Американските музички награди“ (American Music Awards) во 1989 година.
Наддавањето ќе се одржи во хотелот „Розвуд“ во Абу Даби и опфаќа повеќе од 100 предмети. Од аукциската куќа изјавија дека ова е најголемата колекција на сценски костими, модни додатоци и облека од музички спотови на Џексон, којашто некогаш била понудена на продажба.
ноември 12, 2026


