Connect with us

Култура

Недела на италијанската кујна: Гастрономијата како мост за културно поврзување меѓу Италија и Македонија

Со големо задоволство ја најавуваме XI Недела на италијанската кујна во светот, која ќе се одржи од 16 до 26 ноември 2026 година во организација на Амбасадата на Република Италија и Агенција ITA во Скопје.

Темата на овогодишното издание е „Италијанската кујна како нематеријално културно наследство на УНЕСКО: територии и врвни производствени процеси“, славејќи ја регионалната разновидност на италијанската гастрономија и нејзината поврзаност со културниот идентитет и локалните традиции.

Впишувањето на италијанската кујна на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО е значајно признание за традицијата што ги надминува границите на гастрономијата. Таа претставува начин на живот, семејно наследство и знаење што се пренесува од генерација на генерација. Секој регион има свои карактеристични производи, рецепти и техники, а зад секое јадење стои приказна за територијата и локалните производители.

Во Северна Македонија, манифестацијата ќе биде одбележана со серија гастрономски и едукативни настани, кои ќе ги доближат италијанските регионални традиции, современите кулинарски техники и автентичните производи до македонската публика.

Програмата започнува на 16 ноември во F&J Culinary School со Мастерклас за современа ломбардиска кујна со шеф Фарук Незири, наменет за професионални готвачи. Следниот ден, на 17 ноември, во СУГС „Лазар Танев“, шеф Незири ќе одржи работилница за учениците и професорите, преку која младите кулинари ќе имаат можност да се запознаат со гастрономската традиција и современите техники на италијанскиот регион Ломбардија.

На 21 ноември, во соработка со ВЕРО, во супермаркетот Веро Тафталиџе ќе се одржи презентација и дегустација на италијански производи под мотото „Италијански вкус во Веро – врвниот италијански квалитет во твојот супермаркет“. Посетителите ќе имаат можност да ја откријат разновидноста и квалитетот на италијанската гастрономска понуда и да уживаат во нејзините автентични вкусови.

Програмата ќе биде заокружена на 26 ноември со Мастеркласот „Приказни за Италија“, организиран во соработка со Lavazza во Coffee Factory на улица Македонија. Преку аромите, вкусовите и различните мешавини на италијанското кафе, учесниците ќе ја откријат богатата кафе-култура на Италија и нејзината поврзаност со секојдневниот живот и традициите на италијанските градови. Секоја шолја кафе раскажува своја приказна и нуди поинакво сетилно патување низ Италија.

Преку овие активности, „Неделата на италијанската кујна во светот“ ја истакнува гастрономијата како важен мост за културно поврзување. Италија и Северна Македонија споделуваат блиски вредности како што се почит кон локалните производи, традиционалните рецепти, семејната трпеза и гостопримството. Токму тие заеднички вредности придонесуваат за продлабочување на културната размена и пријателските врски меѓу двете земји.

Ad
Ad