Економија
„Киел Македонија“ инвестира 1,5 милион евра во проширување на производството во ТИРЗ Тетово, најавени нови вработувања
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја посети компанијата „Киел Македонија“ во Технолошко-индустриски развојна зона (ТИРЗ) – Тетово по повод новата инвестиција од 1,5 милион евра во производствените капацитет и проширувањето на дејноста.
Во постојниот производствен објект во ТИРЗ Тетово, каде што компанијата има производство на седиштата за автобуси и возови, министерот ја посети новата автоматизирана линија за прашесто бојадисување на метални компоненти.
– Уште е поважно проширувањето на производството да отвора нови можности и за нови работни места. На новата линија веќе се ангажирани пет вработени, а со планирано воведување дополнително со две или три смени се очекува зголемување на бројот на вработени во оваа компанија – изјави Дурмиши.
На новинарските прашања за справувањето со инфлацијата, Дурмиши рече дека во октомври е зголемена за 0,4 проценти, а во делот на прехранбените производи и безалкохолни пијалаци е зголемена 0,7 проценти.
– Ако имаме девијантно однесување, односно зголемување на профитната бруто-маржа повеќе од 10 или 15 проценти, каде што им треба на еден трговец или производител за да има добивка од 10 до 15 проценти, тогаш со административните мерки што ги имаме на располагање како Министерство за економија и труд со информацијата што ја земаме од Државниот пазарен инспекторијат, нормално дека ќе дејствуваме со конкретни мерки за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да, имаме инфлација, ја чувствуваат граѓаните, ги разбираме, контролите ги правиме, тука сме да реагираме како што сме реагирале во минатиот период – рече Дурмиши.
„Киел Македонија“ од 2017 година почна со работа во првиот производствен погон во Желино, а во 2024 година го отвори и капацитетот во ТИРЗ Тетово.
ноември 12, 2026


