Здравје
Кај децата што внесуваат повеќе ултра-преработена храна, мозокот реагира поинаку на неа
Децата кои консумираат повеќе ултра-преработена храна може да покажат посилни мозочни реакции кога гледаат слики од предизвикувачка храна, се наведува во напис објавен во списанието „ЈАМА Нетворк опен“ (JAMA Network Open). Во истражувањето учествувале 46 деца на возраст од 7 – 10 години, кои биле дел од долгорочната истражувањето на лабораторијата „Брејнчајлд“ (BrainChild) од Сиетл, Вашингтон, САД, што ја испитува опасноста од дијабетес и дебелина.
На почетокот на испитувањата, сите деца имале здрава телесна тежина. Истражувачите извршиле магнетна резонанца (МРИ) на мозокот на децата додека тие гледале слики од привлечна храна, како што се колачиња и помфрит. Исто така, биле собрани податоци за нивната исхрана, индексот на телесна маса (ИТМ), процентот на телесни масти и обемот на половината. По една година, истражувачите повторно ги измериле ИТМ, процентот на телесни масти и обемот на половината кај децата. Резултатите покажале дека децата кои јаделе повеќе ултра-преработена храна покажувале поголема активност во дорсалниот стријатум – област во мозокот поврзана со награда и мотивација, кога тие гледале слики од храна. Зголемената активност во оваа област била поврзана и со зголемување на ИТМ и процентот на телесни масти во текот на следната година.
Натаму, истражувачите откриле дека, кога ќе се земат предвид разликите во мозочните реакции на сликите од храна, забележаната поврзаност меѓу вносот на ултра-преработена храна и ИТМ се намалува за 31 насто. Поврзаноста со процентот на телесни масти се намалила за 44 насто.
Овие наоди посочуваат дека реакцијата на мозокот на храна може делумно да ја објасни врската меѓу внесувањето ултра-преработена храна и зголемувањето на телесната тежина. Научниот труд не може да докаже дека ултра-преработената храна директно предизвикува промени во мозочната активност или доведува до зголемување на телесната тежина, бидејќи таа само ги набљудувала постоечките обрасци.
За подетално да ја истражат оваа врска, истражувачите планираат да спроведат интервентни испитувања во коишто децата што редовно јадат ултра-преработена храна ќе бидат поттикнати да преминат на помалку преработена храна. Потоа, истражувачите ќе испитаат дали нивните мозочни реакции на сликите од храна се менуваат и дали тие промени се поврзани со помал пораст на телесната тежина со текот на времето.
ноември 12, 2026


