Општини
Во Битола комеморација за жртвите од Првата светска војна
Амбасадите на Франција и на Германија во земјава, по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост, денеска заеднички го одбележаа споменот на жртвите од Првата светска војна.
– Пробивањето на Македонскиот фронт во 1918 година го забрза поразот на Централните сили, предизвикувајќи верижна капитулација на Бугарија (29 септември), на Отоманската Империја (30 октомври), на Австрија (3 ноември) и на Унгарија (13 ноември), истакна германската амбасадорка Петра Дрекслер на денешната комеморација на француските гробишта во Битола организирана по повод Денот на примирјето од Првата светска војна.
Според амбасадорката Дрекслер, Македонскиот фронт има големо значење и за сеќавањето во Германија.
– Пробивањето на Македонскиот фронт во септември 1918 година го забрза поразот на Централните сили предизвикувајќи верижна капитулација. Македонскиот фронт има големо значење, вклучително и за нашето сеќавање во Германија, бидејќи токму тука започна динамиката која стави крај на таа ужасна војна која однесе 17 милиони жртви ширум светот меѓу 1914 и 1918 година, посочи амбасадорката Дрекслер.
За Денот на народната жалост, во знак на сеќавање за сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, за жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи, говореше и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
– Гробиштата во Битола со своите 6.000 гробови и оваа импозантна костурница потсетуваат на цената што ја платија овие војници, без оглед на нивната националност. Се сеќаваме и на цивилното население и оддаваме почит на сите борци и на сите цивилни жртви. Со заедничко одбележување на ова примирје, ја славиме силата на помирувањето и на европската солидарност, која овозможи да се изгради континентот по вторпат по Втората светска војна, посочи амбасaдорот Ле Риголер.
Амбасадорите на Германија и Франција на традиционалниот настан во Битола порачаа дека европската интеграција е проект за мир и просперитет, таа може да постои само ако заедно се работи за неа и тоа никогаш не треба да се заборави.
ноември 12, 2026


