Општини
Обновен рибниот фонд на Преспанското Езеро со речиси 7.000 млади крапови
Еден тон подмладок од крап денеска е пуштен во водите на Преспанското Езеро, со што рибниот фонд е дополнет со речиси 7.000 млади единки добиени од икра на матици од самото езеро.
Порибувањето е спроведено од страна на регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино за чија реализација се обезбедени 500.000 денари од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.
– Со денешното порибување ја поддржуваме обновата на локалната популација на крап. Ќе продолжиме и во иднина да вложуваме во рибниот фонд и да го штитиме исполнувајќи ја нашата обврска за зачувување на биодиверзитетот на Преспенското Езеро – истакна министерот Борче Серафимовски.
Инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство го следеа порибувањето вршејќи контрола на вкупната тежина на подмладокот и бројот на единките пуштени во езерото.
– Ќе ги засилиме контролите на Преспанското Езеро и ќе ја продолжиме соработката со риболовните здруженија за заштита на рибниот фонд преку навремено откривање и спречување на незаконскиот риболов – нагласи директорот на ДИЗ, Ивица Ангеловски.
ноември 12, 2026


