Connect with us

Економија

„АЛТА банка“ од понеделник ќе ја отвори и експозитурата во Прилеп, клиентите ќе можат да подигнат до 20.000 денари

Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од понеделник, 16 ноември, ќе можат да ги користат банкарските услуги и во експозитурата во Прилеп. Народната банка информира дека таму клиентите кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.

Продолжуваат со работа и филијалите на банката во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во трговскиот центар „Бисер“. На овие локации граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Од 10 ноември клиентите повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство. За корисниците со платежни картички важи ограничување од 15.000 денари неделно, додека оние без картички можат да располагаат со најмногу 20.000 денари во период од две недели.

Овие лимити се однесуваат на вкупното користење на средствата преку сите сметки на клиентот во банката и ги опфаќаат плаќањата со картички, интернет-трансакциите, подигнувањето готовина од банкомати и шалтери, како и плаќањата преку електронското и мобилното банкарство.

Народната банка појаснува дека граѓаните можат без ограничување да располагаат со новите приливи на сметките во „АЛТА банка“ доколку средствата се префрлени од платежни сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.

Олеснувања се предвидени и за компаниите. Овозможена е исплата на плати, заедно со соодветните даноци и придонеси, за фирмите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку сметки во банката.

Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата и да презема мерки за полесен пристап на клиентите до сопствените средства и непречено користење на платежните услуги.

Ad
Ad