Connect with us

Останати спортови

Младински национален рекорд за Дарија Крстевска на пет километри во Гевгелија

На дождливите улици во Гевгелија, Дарија Крстевска ги истрча петте километри за 18 минути и 34 секунди. Со тоа време атлетичарката на АК Олимп постави нов македонски рекорд на оваа дистанца за атлетичарки до 20 години и го освои третото место во вкупниот женски пласман. Крстевска и Греса Бакраќи освоија бронза на „November Run Gevgelija 2026“, а уште тројца атлетичари на битолски Олимп ги подобрија своите лични рекорди.

Втората бронза за битолскиот клуб ја освои Греса Бакраќи, која трката на 10 километри ја заврши за 36 минути и 35 секунди. Веднаш зад неа, на четвртото место, се пласира нејзината клупска колешка Адријана Поп Арсова-Рашиќ со време од 37:27 минути.

Олимп во Гевгелија настапи со 13 атлетичари, а покрај националниот рекорд на Крстевска, тројца членови на клубот поставија и лични рекорди. На пет километри Сара Ноческа трчаше 21:42 минути, а Владимир Трајанов со 18:02 минути беше пет секунди побрз отколку на своето деби на оваа дистанца во Струмица. На десет километри личен рекорд постави Стефан Делев со 36:29 минути.

На пократката дистанца во женска конкуренција настапија и Ирма Хајдари со 19:29 минути и Теодора Гајдова со 28:15 минути. Кај мажите, најбрз од атлетичарите на Олимп на пет километри беше Бојан Чаприќ со 16:31минути, а Игор Стојановски ја заврши трката за 18:57минути.

На десет километри Григоријан Никовски забележа најдобро време меѓу клупските колеги со точно 32 минути. Во женска конкуренција на истата дистанца трчаа и Ана Шиковска со 46:05 минути и Марина Домазетовска со 46:30 минути.

Ad
Ad