Connect with us

Регион

Пиеракакис: Дата центрите претставуваат основна инфраструктура на современата економија

Дата центрите претставуваат основна инфраструктура на современата економија. Зад секоја апликација за вештачка интелигенција, секоја клауд услуга и секоја дигитална трансакција стои потребата од компјутерска моќ, брзина и безбедна обработка на податоците. Како што патиштата, пристаништата и енергетските мрежи го поддржаа економскиот развој во изминатите децении, така и дигиталната инфраструктура ќе биде основата на развојот во следните децении, посочи министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, на настан за нова инвестиција во дата центри, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот настан Грчкиот фонд за иновации и инфраструктура (ХИИФ), што е инвестициската гранка на Националниот развоен фонд, соопшти дека се стекнува со 23 отсто од компанијата Data4 Greece учествувајќи во изградбата на првиот дата центар во кампусот во Атина (Athens Campus) во предградието Пеанија, а Пиеракакис посочи дека станува збор за прва инвестиција на ХИИФ во дигитална инфраструктура.

Во говорот објасни дека со развојот на кампусот „Грција ја зајакнува својата позиција како дигитален центар за Југоисточна Европа“ и ги искористува географската положба и меѓународните врски за да привлече активности со висока вредност и да ја зајакне отпорноста на економијата.

Рече дека Грција сега, не само што привлекува меѓународни инвестиции, туку и активно учествува во нивната реализација, при што „обезбедува удел во вредноста што ја создаваат и ја зајакнува позицијата во идната економија“.

– До пред само неколку години, нашата земја се обидуваше да го врати својот кредибилитет. Требаше да докажеме дека Грција може да понуди стабилност, безбедност и привлечни инвестициски перспективи. Денес, дискусијата е суштински променета. Зборуваме за вештачка интелигенција, дата центри, напредни технолошки инфраструктури и местото на Грција на глобалната дигитална мапа, објасни министерот.

Пиеракакис говореше и за дигиталната трансформација и објасни дека земјата таква амбиција разви по 2019 година, бидејќи претходно „Грција не беше дигитална држава, немаше дури ни амбиција да стане таква“.

– За четири години, од последните или речиси последните места во Европа според развојот на дигиталните јавни услуги, успеавме да го надминеме европскиот просек. Ова беше благодарение на формирањето на ново Министерство за дигитално управување, благодарение на инвестициите реализирани преку европските структурни фондови, но и благодарение на институционалната рамка поволна за инвестиции, посочи Пиеракакис.

По завршувањето на настанот, во изјава за државната телевизија ЕРТ и државната новинска агенција АНА-МПА, министерот нагласи дека со денешната инвестиција во Data4 Greece, за изградба на нов, најсовремен дата центар во Пеанија, „Националниот развоен фонд активно учествува во еден од најдинамичните сектори на светската економија“.

– Го користиме јавниот капитал за да поттикнеме инвестиции, да создадеме нови можности и да ја зајакнеме технолошката моќ на земјата. Технологијата ги менува правилата на светската економија. Грција се стреми кон водечка улога во оваа нова реалност со инвестиции што создаваат вредност, со инфраструктури што отвораат нови перспективи и со самодоверба на земја која знае дека може да постигне многу повеќе, порача Пиеракакис. 

Ad
Ad