Свет
Трамп кон сојузниците од АСЕАН, по завршувањето на самитот во Манила: Ние секогаш сме со вас
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја потврди посветеноста на Вашингтон кон регионот на Азија и Пацификот, и покрај тоа што пропушти клучни состаноци на самитот на лидерите од Југоисточна Азија, кој заврши набргу по неговото пристигнување на Филипините, јави ДПА.
Обраќајќи им се на лидерите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Манила, Трамп изјави дека САД секогаш ќе ги поддржуваат своите регионални партнери.
„САД се пацифичка нација во вистинска смисла на зборот, а ние сме вклучени во трговија, бизнис и дипломатија низ Југоисточна Азија веќе стотици години“, рече тој за време на вечерата одржана по церемонијата на затворање на самитот.
„Денеска сум овде бидејќи Америка е длабоко посветена на успехот, суверенитетот и просперитетот на нашите многубројни пријатели и партнери, од кои многумина во моментов седат на оваа маса, како наши партнери во овој регион“; „ние секогаш сме со вас“, пренесува ДПА
Лидерите на АСЕАН од неделата беа собрани на самитот во Манила за да разговараат за прашања како што се територијалните спорови во Јужно Кинеско Море, внатрешните судири во Мјанмар и глобалните конфликти што влијаат врз енергетската безбедност во регионот.
Тие исто така одржаа разговори со претставници на земјите-партнери во дијалогот, меѓу кои Јапонија, Индија, Јужна Кореја и Австралија.
Трамп пристигна непосредно пред официјалното завршување на 49-тиот самит на лидерите на АСЕАН, при што филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот му го предаде едногодишното претседавање со блокот на Сингапур, пренесе ДПА.
ноември 18, 2026


