Connect with us

Сцена

Филипинската полиција бара обвинение против Томас Маркл постариот

Полицијата на Филипините побара од Обвинителството да покрене обвинение против Томас Маркл постариот, таткото на војвотката од Сасекс, Меган, откако истражителите наводно пронашле материјал за сексуална злоупотреба на деца на предмети пронајдени од неговиот поранешен дом во покраината Себу.

– Полицијата поднесе три кривични пријави до обвинителите во Себу. Од нив, две се однесуваат на наводна дистрибуција, продажба, извоз или увоз на материјал за сексуална злоупотреба на деца, а третата се однесува на наводно поседување… Во меѓувреме, дигиталното форензичко испитување е сè уште во тек во однос на преостанатите дигитални уреди. Може да се достават дополнителни докази во поддршка на веќе поднесените кривични пријави или може да се искористат за поднесување дополнителни кривични пријави, доколку е потребно, изјави денеска бригадниот генерал Ален Реј Ко.

Обвинителите ќе ги разгледаат жалбите пред да одлучат дали да се покрене обвинение.

Меган кон крајот на октомври изјави дека е „длабоко потресена“ од наводите и оти британските безбедносни службеници ја информирале за вознемирувачките обвинувања против нејзиниот татко во 2018. – годината кога се омажи за британскиот принц Хари.

Истрагата почна во октомври откако синот на Маркл – Томас Маркл помладиот им предаде на филипинските власти четири кутии со компјутери, мобилни телефони, хард-дискови и стари видеокасети за коишто рече дека ги пронашол во поранешниот дом на неговиот татко во Себу, околу 600 километри јужно од Манила. Полицијата доби судски налог за испитување на предметите на почетокот на ноември. Филипинскиот министер за внатрешни работи, Хуанито Виктор Ремула ги опиша фотографиите и видеата што ги открија истражителите како „навистина, навистина вознемирувачки“ снимки.

Маркл жестоко ги отфрли обвинувањата и тврдењата на својот син ги нарече „болни лаги“.

Маркл постариот се соочува со посебно обвинение во САД. Имено, 82-годишниот Американец се соочува и со федерална тужба за поседување материјал за сексуална злоупотреба на деца. ФБИ го уапси на Флорида откако истражителите наводно заплениле околу 78 предмети, вклучувајќи фотографски негативи, слајдови и книги, од два изнајмени складови кај Лос Анџелес. Осомничениот првично е ослободен под услов и ставен во домашен притвор во дом за помош при живеење во Флорида. Тој е во притвор од 10 ноември, кога беше повторно уапсен откако наводно го исклучил електронскиот уред за следење на глуждот, соопштија обвинителите. 

Ad
Ad