Култура
Виктор Спасески ја претставува Македонија на Европскиот шампионат во слем-поезија во Грац
Минатогодишниот национален победник на „Поетски слем Македонија“, Виктор Спасески од Прилеп, ќе ја претставува земјата на претстојниот Европски шампионат во слем-поезија, кој ќе се одржува од 19 до 21 ноември во Грац, Австрија.
Тој ќе се натпреварува со победници од триесет европски држави за титулата „Европски шампион во слем-поезија“ и за квалификации за учество на Светскиот шампионат.
Тимот на „Поетски слем Македонија“ соопшти дека Европскиот поетски-слем информирал за квалификувани 30 шампиони.
-Од Шведска до Грција и од Португалија до Украина, сите се тука за да ја прослават јазичната разновидност на нашиот континент. Германските преводи на сите текстови ќе се проектираат во живо. Правилата за европското првенство се: оригинални текстови, слободен избор на тема, временско ограничување од четири минути, без костими или реквизити. Дозволено на сцена е да бидат само поетите, нивните листови хартија и нивните гласови. А публиката е таа што одлучува: секој што сака може да му се придружи на жирито и да помогне да се одреди кој ќе ја однесе титулата дома – велат од организацијата на Европскиот поетски-слем.
Учесниците од 30-те земји ќе се натпреваруваат во две полуфиналиња, нашиот натпреварувач Спасески ќе настапи во првото полуфинале.
-Од 2014 година до денес Македонија на европските слем-шампионати ја претставуваа: Афродита Николова од Штип, Елена Пренџова од Скопје, Игор Трпчески од Прилеп, Марија Грубор од Велес, Никола Дукоски од Прилеп, Горазд Кени Китановски од Скопје, Миланчо Пендев од Кавадарци и Матеј Петров од Скопје, кој беше еден од дванаесетте претставници што не се натпреваруваа во Берлин поради ограничениот број учесници и извлекувањето со жрепка. Годинашната победничка Валерија Дамчевска од Битола следната година ќе се натпреварува на Европскиот шампионат во слем-поезија во Естонија, информира „Поетски слем Македонија“.
ноември 18, 2026


