Connect with us

Скопје

Во Скопје отворен првиот клуб за лица со афазија „Надеж“

Во Скопје е отворен првиот клуб за лица со афазија „Надеж“, заедничка иницијатива на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „ХОУП“ и ЈЗУ Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.

Клубот е наменет за лицата кои се соочуваат со тешкотии во говорот, најчесто како последица на мозочен удар, и ќе претставува простор во кој тие ќе добиваат поддршка, разбирање и можност за меѓусебно дружење и поврзување.

Од здружението „ХОУП“ посочуваат дека отворањето на клубот е резултат на повеќегодишната соработка со здравствената институција и заедничката визија за подобрување на квалитетот на живот на лицата со афазија.

– Губењето на говорот не значи губење на мислите, чувствата, личноста и потребата да се биде дел од општеството, нагласуваат од здружението.

Целта е клубот да прерасне во место каде што лицата со афазија ќе можат да градат нови пријателства, да ја враќаат самодовербата и да добијат поддршка во справувањето со предизвиците што ги носи оваа состојба.

Од здружението порачуваат дека со отворањето на клубот се испраќа и важна општествена порака дека лицата со афазија не треба да бидат оставени сами во својата борба.

Ad
Ad