Општини
Општина Кочани распиша конкурс за стипендии за академската 2026/2027 година
Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување 30 стипендии на студенти, жители на Кочани. Десет стипендии ќе бидат наменети за студенти од социјално загрозени семејства, пет за студенти од ромската етничка заедница, студенти со попреченост и за студенти со ретки болести, пет за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите стипендии за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.
Доколку на јавниот конкурс не се пријават студенти од ромската етничка заедница, студенти со попреченост и студенти со ретки болести или ако нивните пријави се оценети како неприфатливи, стипендиите распределени за овие категории ќе се доделат на студентите од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа.
Месечниот износ на општинската студентска стипендија е четири илјади денари, а се доделува за десет месеци.
Пријавата и потребните документи се поднесуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или по пошта на адреса: Општина Кочани, ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, Кочани, најдоцна до 30 ноември.
ноември 18, 2026

