Култура
Недела на македонската кинематографија во КИЦ Битола
Со проекција на филмот „Прашина“ на режисерот Милчо Манчевски, вечер во битолското кино „Манаки“ почнува неделата на македонската кинематографија, организирана од Културно информативен центар-КИЦ Битола.
Од КИЦ Битола најавија дека за филмофилите и во соработка со Кинотека на Македонија, обезбедени се седум култни македонски филмови, кои ќе се емитуваат секоја вечер од 20 часот.
-Неделата на македонската кинематографија почнува вечер со проекција на филмот „Прашина“, а ќе продолжи со филмовите „Среќна ова ’49“, „Тајната книга“, „Бал-кан-кан“, „Тетовирање“, „Црно семе“ и ќе завршиме повторно со филм на Манчевски, односно со „Пред дождот“. Тоа се култни остварувања од поновата историја на македонската кинематографија, филмови кои со својата уметничка вредност, автентични приказни и препознатлив авторски израз оставиле значаен белег во македонската филмска уметност, најави Димитар Михајловски, директор на КИЦ Битола.
Влезот во кино „Манаки“ за следење на проекциите е бесплатен за сите посетители, и како што посочуваат од КИЦ Битола, посебен интерес се очекува од новите генерации филмска публика, кои треба да ги запознаат и доживеат овие исклучителни дела од македонското филмско творештво.
ноември 19, 2026


