Општини
Општина Пустец ќе има веб-страница и на македонски јазик по иницијатива на друштвото „Илинден“
Официјалната веб-страница на Општина Пустец во Албанија ќе биде достапна и на македонски јазик, покрај албанскиот, откако Општината го прифати барањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Како што информираат од друштвото, прифаќањето на барањето претставува чекор кон унапредување на јазичните права на македонското национално малцинство во Албанија и овозможување на граѓаните да добиваат информации од локалната самоуправа на својот мајчин јазик.
Барањето било упатено до градоначалникот, претседателот и членовите на Општинскиот совет на Пустец, а друштвото поднело и жалби до Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител на Република Албанија.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана изразува благодарност до Комесарот за заштита од дискриминација за институционалното постапување и поддршката во разгледувањето на прашањето, како и до Општина Пустец за прифаќањето на барањето.
Од друштвото посочуваат дека овој резултат е потврда оти институционалното залагање за почитување на правата на Македонците во Албанија може да донесе конкретни промени.
– Македонскиот јазик на официјалната веб-страница ќе придонесе за подобро информирање на граѓаните, полесен пристап до јавните информации и унапредување на комуникацијата со локалните институции, наведуваат од Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Оттаму очекуваат преземената обврска целосно да се реализира во практиката и најавуваат продолжување на активностите за заштита и унапредување на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Албанија.
Македонската јазична верзија на веб-страницата на Општина Пустец е достапна на: https://bashkiapustec.gov.al/mk/
ноември 19, 2026


