Connect with us

Општини

Во Тетово одбележан Денот на ослободувањето 19 Ноември

Општинската организација на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Тетово го одбележаа 19 Ноември – Денот на ослободувањето. Честувувањето почна вчера со мултимедијалната свеченост насловена „Сите сме борци“, а денеска продолжи со положување цвеќе и историски реферат и потсетник пред Споменикот на револуцијата.

Лилјана Симовска, претседателка на Општинската организација на Сојуз на борци и граѓани продолжувачи во пригодното обраќање посочи дека Тетово вечно ќе ги памети сите оние кои се втемелени во историјата на градот и како продолжувачи на нивните дела ќе ги споменува,  ќе им благодари и ќе ги слави.

-Ова минато не е само за историските книги, ова минато нѐ задолжува, нѐ опоменува и нѐ предупредува. Ова минато треба да нѐ инспирира, ова е црвената национална линија на нашето достоинство и опстојба. Не постои друга историска вистина. Ниту добар и чесен е било чиј обид оваа историска епопеја да се релативизира, да се рекомпонира или да се прикаже во поинакво светло или пак начин на кој славата и големината ќе припаднат на оние против кои нашите дедовци се бореа и изборија“, рече Лилјана Симовска.

Таа потсети дека во текот на изминатата година и во наредниот период Сојузот и граѓаните продолжувачи водат борба за спречување на обидот за промена на историските факти поврзани за Тетово.

-Изминатава година како Сојуз на борци од НОБ и граѓани продолжувачи оставени сами на себе но охрабрени од народот од граѓаните на Тетово се соочивме  со груб обид за фалсификување и рекомпонирање на историјата од страна на Општина Тетово. Општината води постапка во  насока во која ги рехабилитира фашистите како личности достојни за највисок облик на општествена почит. Борбата за зачувување на имињата на тетовските улици кои се именувани по славните македонски,југословенски и светски антифашистики херои и спречување на наметување на фашистички имиња на тетовските улици и понатаму е отворена. Наместо прифаќање на улогата на жртви и немо следење на случувања инициравме постапки и ја нападнавме неправдадата нанесена пред 19 години. А укинувањето на одлуката за преименување на имиња на улиците и градскиот плоштад од 2007 година од страна на Уставен суд е голем успех и буди голема надеж“, истакна во пригодното обраќање Лилјана Симовска на свеченоста.

Според традицијата, на свеченоста беа доделени Признанија „19 Ноември“ за животно дело и за особен придонес и создавање трајни вредности.

За прв пат Признание „19 Ноември“ за национален пример, борец за заштита на државниот углед и животната средина и општестевено созревање и институционална одговорност беше доделено на новинарот Александар Видиновски од Скопје.

Признание „19 Ноември“ за животно дело во книжевноста и образованието на Славица Дабевска Кировска.  Признание „19 Ноември“  за особен придонес и создавање трајни вредности беа доделени на основно училиште „Андреја Савески-Ќиќиш“ (Јубилеј 70 години), планинарски клуб Тетекс (Јубилеј 70 години), 50-то јубилејно издание на Меморијален турнир во одбојка Бранко Хаџииљоски-Чајка, музичка група Серенада, Роберт Дојчиновски за достигнувања во стопанство, посветена работа и пример за негување на семејни вредности и на Лина Ѓорческа за достигнувања во спортот/тенис.

Ad
Ad