Connect with us

Забава

„Бетмобил“ од 1992 оди на наддавање, проценетата вредност достигнува 7 милиони долари

Автомобилот користен во филмот „Бетмен 2“ на Тим Бартон од 1992 година – познат како „Бетмобил“ денеска оди на наддавање во Гардена, Калифорнија, САД, во близина на Лос Анџелес. Со проценета вредност којашто се движи меѓу пет и седум милиони долари, ова возило би можело да го собори рекордот за продажба на „Бетмобил“, поставен во 2013 година, кога автомобилот што го возеше Адам Вест во телевизиската серија од 1960-тите беше продаден за 4,6 милиони долари.

Автомобилот е главната атракција на аукциската куќа „Џулиен’с“ (Julien’s), којашто нуди и десетици други предмети поврзани со Бетмен и други суперхерои. Црното возило е долго нешто помалку од 6 метри и се одликува со две истакнати задни перки. Од аукциската куќа напомнуваат дека не е регистрирано за употреба на јавни патишта, а моторот и менувачот биле користени – или поточно, тестирани само „ограничен број пати“ откако завршило снимањето. Со години, беше изложено во Автомобилскиот музеј „Маркони“ во Тастин, Калифорнија. Тој ја задржал оригиналната боја, моторот „Шевролет в-8“ и издувниот систем што исфрла пламен – истиот механизам што Бетмен (толкуван од Мајкл Китон) го искористи за да го изгори еден од циркуските помошници на Пингвинот.

Истакнувајќи го влијанието на „темната естетика“ на Бартон врз современите филмови за суперхерои, „Џулиен’с“ го опишува автомобилот како „едно од најпрепознатливите и најзначајните филмски возила во историјата на Холивуд“. За купувачот, инаку, ќе важат и одредени ограничувања. Така, меѓу другото, тој мора да добие одобрение пред да го изложи автомобилот на свои настани, а возилото мора да стои во место секогаш кога треба да биде прикажано пред јавноста.

Ad
Ad