Connect with us

Општини

МЕД ги додели првите стипендии за студенти од Преспа, финансирани од ЕУ

Македонското еколошко друштво (МЕД) ги додели првите стипендии за четворица студенти од Преспа кои своето образование го продолжуваат во областа на природните науки. Стипендиите се во износ од 400 евра месечно и се обезбедени преку проект финансиран од Европската Унија, со кофинансирање од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

Стипендиите се наменети за матуранти и студенти од Преспа кои се определиле за студии во областите на екологијата, биологијата, шумарството и земјоделските науки, со цел да се поттикне образованието и создавањето локални стручни кадри кои во иднина ќе придонесуваат кон истражувањето и зачувувањето на природното богатство на регионот.

– Зачувувањето на природата на Преспа не зависи само од добрите иницијативи и проекти, туку и од луѓето кои имаат знаење и стручност да се грижат за неа. Затоа сметаме дека поддршката на младите од регионот кои се определуваат за студии во областа на природните науки е особено важна, вели Даниела Заец, координаторка на локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен.

Таа посочува дека целта не е само финансиска поддршка за време на студиите, туку и поттик младите своето образование и професионален развој да ги поврзат со природата и предизвиците на регионот од кој потекнуваат.

Првите добитници на стипендиите се Александар Димитриевски, Александар Филиповски и Виктор Малинчевски, студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како и Димитар Нечовски, студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.

Покрај финансиската поддршка, стипендистите ќе бидат вклучени и во менторска програма на МЕД, која ќе се реализира во соработка со локалните заштитени подрачја – Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“ и Националниот парк „Пелистер“.

Преку учеството во теренската и истражувачката работа, студентите ќе имаат можност да стекнат практични знаења и искуства, како и да се вклучат во активностите за мониторинг и заштита на биолошката разновидност.

Од Македонското еколошко друштво ги охрабруваат заинтересираните матуранти и студенти од Преспа да ги следат информациите за можностите за стипендирање. Повеќе информации за условите и постапката за аплицирање може да се добијат и во локалната канцеларија на МЕД во Ресен.

Програмата за стипендирање ќе се спроведува до учебната 2028/2029 година, во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

Ad
Ad