Општини
ФХЕМ: Прв споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои не се вратија дома
Во градот Полице е откриен првиот споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои не се вратија дома, туку животот го поминаа во Полска и таму починаа. Неговата реализација ја поддржа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ). Тој е еден од трите споменици предвидени да бидат поставени во полските градови кои ги згрижиле децата бегалци од Егејска Македонија.
Споменикот, кој е авторско дело на Петро Алексовски, го открија градоначалникот на Полице Кристијан Ковалевски и амбасадорот на Македонија во Полска Јасмин Ќамил.
Во своите обраќања, амбасадорот Ќамил, градоначалникот Ковалевски и Алексовски изразија голема благодарност до ФХЕМ, нагласувајќи дека без неговата поддршка проектот немало да се реализира во толку краток период.
-Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите оние кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме – истакна директорот на ФХЕМ Горан Садикаријо.
На средбата со Садикаријо беше најавено и отворање музеј во Полице, при што беше предложено една просторија да биде посветена на историјата и судбината на македонските Евреи.
Поддршката на овој споменик е израз на посветеноста на ФХЕМ кон зачувувањето на сеќавањето, солидарноста и почитта кон човечките судбини обележани со прогон и раселување.
ноември 20, 2026


