Connect with us

Вести

УНИЦЕФ: Потенцијалот на секое дете е поважен од кога било, идниот просперитет на земјата е во одлуките што ги носи денес

Македонија се наоѓа пред сопствен момент на одлучување – стапката на наталитет опаѓа, а бројот на деца се намалува и затоа потенцијалот на секое дете е поважен од кога било. Земјата не може преку ноќ да ги промени своите демографски трендови, но одлуките што ќе се донесат денес може да го обликуваат нејзиниот развој, но и идниот просперитет – порача денеска Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во државата, на настан по пoвод Светскиот ден на детето – 20 Ноември, кој годинава е во знакот на 80-годишнината од основањето на оваа организација на Обединетите нации за правата на децата. 

Премногу деца, рече Милер, сè уште се изоставени – помалку од половина од децата на возраст до шест години во Северна Македонија се опфатени со предучилишно образование, а децата од семејствата и заедниците во неповолна положба се меѓу оние што најчесто остануваат надвор од системот. 

За да се постигне националната цел од 65 проценти опфат до 2032 година, според УНИЦЕФ, потребни се континуирани јавни инвестиции за обезбедување дополнителни 19.000 места во градинките, иновативни модели на финансирање и посилни партнерства. Притоа, квалитетот, финансиската достапност и инклузивноста мора да останат во центарот на напорите за проширување на опфатот.

– Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал, кој ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина – истакна претставничка на УНИЦЕФ.

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Македонската берза денеска го организираа настанот „Ѕвониме за децата“ – иницијатива на Обединетите нации, чија цел е да се потенцира улогата на деловниот сектор и инвестициските политики во унапредувањето на правата на децата и создавањето услови за нивна благосостојба. 

Нашата земја првпат годинава им се придружи на 25 земји што учествуваат во новата глобална иницијатива „Ѕвониме за децата“, предводена од УНИЦЕФ и Иницијативата на Обединетите нации за одржливи берзи. 

Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза, истакна дека берзите како централни институции на пазарите на капитал имаат единствена можност да ги поврзат компаниите и инвеститорите. 

– Како што историски пазарите на капитал ги промовирале добрите практики во сферата на корпоративното управување, климатските промени и другите прашања поврзани со одржливоста, така може во иднина да придонесат правата на децата да добијат поважно место во деловните и инвестициските одлуки. На тој начин придонесуваме за посилни заедници, одржлив економски развој и создавање долгорочна вредност – рече Штериев.

На настанот се обратија и министрите Ѓоко Велковски и Весна Јаневска. 

Велковски посочи дека еден од приоритетите на Министерството за социјална политика, демографија и млади е унапредувањето на достапноста и квалитетот на предучилишното згрижување и воспитание и дека во соработка со општините и со партнери продолжува да ја проширува мрежата на градинки и да создава услови за поголем опфат на децата во предучилишно.

– Затоа што секое дете заслужува еднаква можност за квалитетен почеток во животот. Важно е  секое дете да добие квалитетна поддршка, соодветна грижа и поттикнувачка средина за учење и развој – рече Велковски посочувајќи и на новата Програма за рано учење и развој, која е заеднички проект со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.

Министерката Весна Јаневска во обраќањето нагласи дека секое дете „заслужува да има училиште кое е отворено за него“ и дека кон таа цел има многу предизвици во реализацијата. 

– Сепак, истрајни сме во напорите да обезбедиме поквалитетна инклузија, повеќе запишани и помалку исипани ученици. Кога станува збор за децата, ниедна институција, ниту кој било друг чинител, не може сам да направи благосостојба за нив. Образованието не може без семејството, а на семејството му е потребна поддршка од пошироката заедница. Грижата за децата што ја има едно општество покажува колку тоа општество е зрело како целина, колку е дораснато да мисли долгорочно за подобра иднина на сите. Затоа ја поддржувам иницијативата „Ѕвониме за децата“, која испраќа важна порака дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука, вклучително и на деловните и инвестициските одлуки – порача Јаневска.

Петар Петровиќ, директор за човечки ресурси во „Алкалоид“, на настанот зборуваше за улогата на компаниите со нивните политики на работното место насочени кон поддршка на семејствата, како и одговорни деловни практики и инвестициски одлуки што ги земаат предвид правата на децата. Таквата посветеност од компаниите, рече тој, придонесува и за мотивираност и задржување на вработените.

Ad
Ad