Свет
Протести во Берлин: „Да се бориме заедно наместо да пукаме едни во други“ – младите против задолжителната воена служба
Во Берлин денеска почнаа младинските протести против задолжителната воена служба и милитаризацијата, но и за поголеми инвестиции во образованието, здравството, социјалната заштита, климатската политика и достапното домување. Првиот протестен собир почна во 11.30 часот на плоштадот Александерплац, од каде што младите се упатија кон Маријаненплац.
Протестот се одржува со мотото „Да се бориме заедно наместо да пукаме едни во други! – Училиштен штрајк против задолжителната воена служба“, а во мобилизацијата е вклучена и иницијативата Gen Z regelt. Организаторите се противат на повторното воведување задолжителна воена служба и бараат јавните средства да не се насочуваат првенствено кон воените расходи, туку и кон подобрување на условите во училиштата, здравството, социјалната заштита и решавањето на станбеното прашање.
Според најавите, во протестниот ден ќе се вклучат ученици и млади од повеќе германски градови, кои бараат поголемо влијание врз одлуките што ја засегаат нивната иднина. Иницијативата Gen Z regelt ги повикува младите да се борат за подобро образование, достапно домување, климатска заштита и поголема поддршка за младата генерација.
За 14.30 часот е најавен и вториот голем протест со мотото „Нам ни е добро?“, кој ќе почне кај плоштадот Плац дес 18 мерц, во близина на Бранденбуршката порта. Во неговата организација учествува и Сојузната конференција на учениците (Bundesschüler*innenkonferenz), а во фокусот се барањата за поголеми инвестиции во образованието, подобри услови во училиштата и поголемо внимание кон потребите на младите.
Претседателката на берлинската полиција Барбара Словик-Мајзел вчера изјави дека за денешните протести ќе бидат ангажирани речиси 1.600 полициски службеници. Таа рече дека полицијата засега нема конкретни сознанија за планирани спонтани собири или неорганизирани немири по завршувањето на демонстрациите, но ќе биде видливо присутна на клучните локации во градот до доцните ноќни часови.
– Ги штитиме и ги придружуваме мирните протести. Но, кон оние што ќе го злоупотребат правото на слобода на собирање за да вршат насилство, ќе постапиме доследно и решително, порача Словик-Мајзел во интервју за германската телевизија Велт.
Освен во Берлин денеска младински протести се најавени во 73 германски градови, на повик на иницијативата „Gen Z regelt“, под мотото „Нашата иднина е во наши раце“, со барања за подобро образование, достапно домување, климатска заштита, социјална сигурност и против задолжителната воена служба.
Протестите во Берлин се дел од поширокиот европски Меѓународен младински и студентски штрајк, на кој повика коалиција од повеќе од 50 младински и студентски организации од над 25 земји, под мотото „Да се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“ („Fight for Our Future, Not Their Wars“), со барања за поголеми инвестиции во образованието, здравството и социјалната заштита, а против милитаризацијата и повторното вооружување.
ноември 20, 2026


