Connect with us

Вести

Над 100 милиони денари инвестиции во инфраструктурата во Валандово, ќе се реконструира и регионалниот пат Струмица -Валандовo

Со комбинирана владина поддршка во инфраструкутрата, земјоделството и туризмот правиме развој на општина Валандово. Предвидовме финансиска поддршка од речиси 100 милиони денари, од кои 65 милиони денари се директно од буџетот на Министерството за транспорт и приближно 35 милиони денари преку двата повици за инфраструктурни проекти – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при днешената посета на општината Валандово.   

Посочи дека со реконструкција на патната инфраструктура на подрачјето на општина Валандово, заедно со мерките во земјоделството и развивање на туристичкиот потенцијал, што може да го користат овие населени места поради нивната близина до Коридорот 10, и во иднина ќе продолжи да се вложува во развојот на оваа општина.

На средбата на Николоски со градоначалниот на Валандово, Ѓоко Камчев, во селото Марвинци се означи почетокот на градежните работи за асфалтирања патна инфраструктура во должина од 1.560 метри.

– Станува збор за голем проект за асфалтирање улици во село Собри, во село Пирава, Брајковци, Раброво и во Марвинци со најдолгата сообраќајница од 1.560 метри, кои треба да придонесат за подобрување на условите за живеење во овие населени места. Сите тие се во близина на Коридорот 10, односно автопатот што води од Куманово преку Скопје, Гевгелија до Солун и Атина и со тоа ова ќе значи можност и за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места. Веќе зборувавме со градоначалникот за поголема презентација на Исарот, археолошкиот локалитет Исар Марвинци, што може да стане сериозна туристичка атракција, така што ќе работиме и во насока на таа поддршка со цел да се зголеми и бројот на туристи што доаѓаат. Ако на тоа се додадат и владините мерки во земјоделството во комбинирана поддршка со развојот на инфраструктурата, мислам дека многу можеме да направиме во следниот период – посочи Николоски.

Градоначалникот на Валандово, Камчев, се заблагодари на владината поддршка, која, како што рече, Валандово ја добива во континуитет и најави продолжување со истото темпо и во 2027 година.

– Сумата од 65 милиони денари е за најмалку 6 годишни програми за асфалтирање во општината. И Владата и Општината имаат одлична соработка во овој период. Мислам дека и во наредните години ќе имаме сериозни проекти. Сите може да видиме дека станува збор за 16 населени места и градот Валандово, огромна патна инфраструктура, во која живеат 10.500 жители. Уште на почетокот ветив дека ќе почнам од малите населени места, кои 30-40 години биле целосно запоставени, па затоа сме денеска во Марвинци. Истовремено, целосно го завршивме и селото Раброво. Со годишната програма на Општината асфалтирани се Башибоз и Кочули, поголем дел на Дедели, завршена е јавна набавка за целосно асфалтирање на Грчиште и Казандол, а за 2027 планираме повеќе од 20 милиони денари да намениме за патна инфраструктура – рече Камчев.

Според него, целта е граѓаните да не се борат веќе со прашина и кал, туку да имаат општина со една од најдобрите патни инфраструктури во државата, каде што само локалната патна инфраструктура е во должина од речиси 70 километри.

Вкупно 100 милиони денари чини реконструкцијата на патната мрежа во Валандово со населените места, од кои 65 милиони се директно од Министерството за транспорт и врски, а другите средства се обезбедени преку владините повици за финансирање локални проекти.

Ad
Ad