Вести
Спречен нелегален внес на 2,8 тони нејодирана сол која е забранета за увоз
Нелегален внес на 2,8 тони нејодирана сол која е забранета за увоз, е спречен од страна на царински службеници од Царинска испостава Скопје 3.
Како што соопшти Царинската управа, случајот е откриен при контрола на стока декларирана како индустриска сол за која, од страна на увозникот, производител на храна, била обезбедена изјава дека ќе се користи за индустриски цели.
При контролата е констатирано дека станува збор за нејодирана сол, а не за индустриска како што било наведено во изјавата и увозната царинска декларација.
-Согласно македонската легислатива, солта која се употребува во прехраната треба задолжително да биде јодирана поради штетните последици врз здравјето на граѓаните од консумација на нејодирана сол. Против осомничените е поведена соодветна постапка, а согласно решението добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла – велат од Царинската управа.
Оттаму потенцираат дека откривањето на царински измами со храна е еден од главните приоритети на управата, со цел заштита на здравјето на граѓаните. За оваа цел минатата година со АХВ беше склучен и Меморандум за размена на податоци со што значително се унапреди борбата со криминалот поврзан со храна.
ноември 20, 2026


