Вести
Потпишан петгодишен протокол за соработка со Универзитетот „Тракија“, обука за македонските здравствени работници во Едрене
Министерот за здравство Сашо Клековски и ректорот на Универзитетот „Тракија“ од Едрене, проф. д-р Мустафа Хатиплер, денеска во Скопје потпишаа протокол за соработка во областа на здравството, со важност од пет години.
Како што информираат од Министерството за здравство, протоколот е потпишан во рамките на проектот „Мостови на братството“ – балканска соработка во здравството и обука во текот на работата, што Универзитетот „Тракија“ го спроведува со поддршка на Министерството за здравство на Република Турција. Македонија е третата земја вклучена во проектот по Косово и Бугарија.
Соработката предвидува стручни престои и практична обука на македонски здравствени работници на Медицинскиот факултет и на Универзитетската болница во Едрене, размена на знаење и клиничко искуство меѓу стручните тимови, како и заеднички научни истражувања и стручни настани.
Протоколот опфаќа и институционална соработка во областа на стоматологијата, фармацијата и здравствените науки.
Овој документ е продолжение на меморандумот за разбирање во областа на здравството што министерот Клековски го потпиша со министерот за здравство на Република Турција, проф. д-р Кемал Мемишоглу, во октомври годинава во Истанбул, каде што стручната размена и специјалистичката едукација беа определени како приоритетни области.
Во делегацијата на Универзитетот „Тракија“ беа и проректорот и декан на Медицинскиот факултет, проф. д-р Седат Устундаг, деканот на Факултетот за стоматологија, проф. д-р Али Јилмаз, и директорот на Универзитетската болница, проф. д-р Алкин Чолак.
– Договорите вредат онолку колку што од нив ќе почувствува корист еден пациент. Со овој протокол нашите здравствени работници добиваат место на кое ќе се доусовршуваат, а знаењето што ќе го донесат останува тука – изјави министерот Клековски.
ноември 20, 2026


