Connect with us

Свет

Холандија: Штрајк на работниците во регионалниот јавен превоз

Вработените во регионалниот јавен превоз во Холандија денеска и утре организираат штрајк, поради што се очекуваат откажувања на поаѓањата на возови, автобуси и трамваи.

Целосниот обем на нарушувањата во јавниот превоз ќе биде познат дури подоцна во текот на денот, кога ќе се утврди колку вработени дошле на работа, пренесе „Ен-Ел тајмс“.

Превозниците ги советуваа патниците да го проверат возниот ред непосредно пред поаѓањето. Синдикатите ФНВ и ЦНВ ги најавија овие штрајкови на национално ниво минатата недела, откако пропаднаа преговорите за колективниот договор. Како што наведоа, доколку штрајковите денеска и утре не го дадат посакуваниот резултат, во декември ќе следуваат нови прекини на работата.

Колективниот договор за регионалниот јавен превоз опфаќа повеќе од 13.000 вработени, првенствено возачи на автобуси во компании како што се „Арива“, „Трансдев“ и „ЕБС“.

Железничкиот сообраќај и градскиот превоз во Амстердам, Ротердам и Хаг се одвиваат непречено, бидејќи за вработените во компаниите во овие градови важи поинаков колективен договор.

Организацијата за заштита на правата на патниците „Ровер“ наведе дека патниците повторно најмногу трпат поради спорот околу колективниот договор, во кој тие немаат никаква улога, и ги повика и работодавачите и синдикатите да преземат одговорност и да го решат настанатиот проблем.

Ad
Ad