Свет
Санчез предложи нов данок на богатство поголемо од 100 милиони евра
Шпанскиот премиер Педро Санчез предложи да се воведе данок на богатство поголемо од 100 милиони евра, со чија помош би требало да се соберат околу две милијарди евра годишно за мерки како што се надоместоци за грижа за деца, зголемени вложувања во домувањето и подобрени јавни услуги.
Санчез, кој е кандидат на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) за реизбор на вонредните парламентарни избори што ќе се одржат во Шпанија на 29 ноември, во порака на социјалните мрежи кажа дека за време на неговата власт нееднаквоста во приходите е намалена „на историски минимум“, пренесува ЕФЕ.
Тој додаде дека, и покрај тоа, „најбогатите 0,1 процент концентрираат повеќе од 10 проценти од богатството“ во Шпанија.
– Многумина од сопствениците на овие големи богатства успеваат да платат пропорционално помалку отколку едно работничко семејство, користејќи ги ограничувањата на даночниот систем – рече Санчез.
Санчез нагласи дека ќе ги затвори можностите што „им овозможуваат на ултрабогатите да ги намалат своите даночни обврски, без исклучоци или бонуси за избегнување данок“.
ноември 23, 2026


