Култура
Петтиот Фестивал на грчки филм почнува со „Титаник Оушн“ и приказна за сирените
Јубилејното петто издание на Фестивалот на грчки филм почнува вечерва со проекција на филмот „Длабочината на океанот“ на Константина Коѕамани.
Филмот, кој беше дел од програмата „Извесен поглед“ на 79. Кански филмски фестивал, ја носи публиката во необичниот свет на една јапонска школа во која тинејџерки се обучуваат да станат професионални сирени.
Главната хероина, 17-годишната Акаме, учи да го задржува здивот, да настапува пред публика и да плива покрај ајкули. Но, под силиконската опашка на сирена, таа постепено го открива сопствениот идентитет, ја доживува првата љубов и минува низ процес на лично созревање и преобразба.
„Титаник Оушн“ е драма за созревањето, во која се испреплетуваат романтиката, фантазијата и надреализмот, отворајќи прашања за женскиот идентитет, желбата, слободата и трансформацијата.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано за 18:30 часот, додека проекцијата на филмот ќе започне во 19 часот. По проекцијата е предвиден разговор со режисерката Константина Коѕамани.
Фестивалот ќе трае до 27 ноември, под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“. Овогодишната програма носи три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки, создадени во различни временски периоди.
Посветен исклучиво на филмови режирани од жени, фестивалот има цел да ја претстави разновидноста на нивните уметнички изрази, искуства и филмски перспективи, отворајќи простор за приказни што ги преиспитуваат традиционалните наративи.
ноември 25, 2026


