Општини
„Збогум Буково“ достави барања за еколошки мерки и буџетски приоритети до Општина Охрид
Еколозите и активистите за заштита на животната средина, обединети во граѓанската иницијатива „Збогум Буково“, ги доставија до Општина Охрид, членовите на Советот и надлежните институции барањата за конкретни мерки и буџетски приоритети за заштита на животната средина во 2027 година.
Барањата се однесуваат на неколку области, меѓу кои преземање итни мерки за контрола, надзор и спречување пожари на Буково, подобрување на управувањето со отпадот преку проширување на селекцијата, набавка на возило и воспоставување собирен центар, како и утврдување оперативен протокол за постапување при зголемено загадување на воздухот.
Од иницијативата бараат и создавање нови зелени површини и дрвореди, соодветни финансиски средства за нивно одржување, подобра достапност на оџачарските услуги и субвенции за чистење на оџаците, особено за социјално ранливите домаќинства.
Во барањата се посочува и потребата од поголема транспарентност и учество на јавноста, преку јасно утврдени институционални одговорности, рокови за спроведување на мерките, редовно известување и вклучување на граѓаните во процесите на одлучување.
Од „Збогум Буково“ сметаат дека односните прашања треба да се решаваат систематски и долгорочно, преку конкретни годишни програми, обезбедени буџетски средства и јасно утврдени одговорности на надлежните институции.
Целосните предлози и барања на граѓанската иницијатива ќе бидат презентирани на јавна дискусија најавена за в четврток. Од иницијативата ги повикуваат заинтересираните граѓани да учествуваат во дискусијата и да дадат свои предлози и мислења.
ноември 25, 2026


