Хроника
Кривична пријава против правно лице и две лица од Охрид за фалсификување исправа
СВР Охрид поднела кривична пријава против едно правно лице, како и против А.Т. (28) и М.Т. (41) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во текот на 2025 и 2026 година, второпријавената, во својство на управител и одговорно лице во правното лице, заедно со третопријавениот, при работењето на автоплац за продажба на моторни возила, користеле лични податоци од лице ангажирано за миење и чистење возила кое не било пријавено како вработено.
-Користејќи ги личните податоци на лице ангажирано за миење и чистење на моторните возила, а кој не бил пријавен како вработен, составувал и користел фиктивни договори за посредување при продажба на моторни возила – се наведува во соопштението на МВР.
Во фиктивните договори, според полицијата, лицето А.Б. било претставено како сопственик кој им ги доверува возилата на правното лице за понатамошна продажба.
-Второпријавената, во својство на управител на правното лице, учествувала во наведените активности преку овозможување и прифаќање на ваквото документирање на наводните договорни односи, со што се создавала привидна слика за начинот на стекнување и продажба на моторните возила, како и за постоење на деловни односи со А.Б., кои фактички не биле воспоставени – посочуваат од МВР.
ноември 25, 2026


