Свет
Полската војска соопшти дека руско беспилотно летало накратко навлегло во полскиот воздушен простор
Беспилотно летало накратко навлегло во полскиот воздушен простор за време на руски напади врз Украина, соопшти денеска полската војска, само неколку дена откако три руски крстосувачки ракети паднаа на територијата на Полска.
Оперативната команда на полските вооружени сили преку платформата Икс соопшти дека објектот бил непрекинато следен од воените радарски системи во текот на неговото движење.
„Откако беспилотното летало го смени курсот и се упати кон исток, имајќи ја предвид потенцијалната закана за цивилното население и можните последици од неговото соборување, беше донесена одлука да не се употреби оружје, поради ризикот од предизвикување штета“, се наведува во соопштението.
Според полското Министерство за одбрана, леталото со млазен погон неколку минути во текот на ноќта летало над пограничниот град Дорогуск.
Полските медиуми посочуваат дека станува збор за извидувачки дрон опремен со камери. Инаку, кај Дорогуск се наоѓа важен граничен премин за товарниот и железничкиот сообраќај меѓу Полска и Украина.
Непосредно пред тоа, во делови од полскиот регион Лублин накратко биле активирани предупредувања за воздушна опасност. Центарот за управување со кризи на Владата ги повика жителите во областите во близина на украинската граница да побараат засолниште. Предупредувањата набргу потоа биле укинати.
Минатиот петок, за време на интензивни руски воздушни напади врз Украина, три објекти навлегле во полскиот воздушен простор и паднале на територијата на Полска.
Канцеларијата на полскиот јавен обвинител подоцна соопшти дека станува збор за три крстосувачки ракети „Х-101“ од руско производство.
Полската влада најави дека ќе го повика рускиот амбасадор по инцидентот.
Во меѓувреме, НАТО го засили воздушниот надзор долж источното крило на Алијансата.
ноември 25, 2026

