Connect with us

Свет

Москва ја обвини Естонија за постапки што „се на работ на предизвикување отворена војна“

Руското Министерство за надворешни работи денеска ја обвини Естонија, членка на НАТО и Европската Унија, за низа непријателски постапки што „се на работ на предизвикување отворена војна“, заострувајќи ја реториката откако Естонија најави затворање на копнената граница со Русија.

Естонија планира од 1 декември, во период од најмалку шест месеци, да ги затвори граничните премини со Русија, обвинувајќи ги руските безбедносни служби за обид за подметнување пожар во естонска одбранбена компанија. Русија негираше вмешаност во нападот.

Руското Министерство ги изнесе обвинувањата во соопштение, откако го повика вршителот на должноста амбасадор на Естонија во Москва за да му врачи официјален протест поради одлуката на Талин за затворање на границата.

„На естонскиот дипломат повторно му беше укажано дека таквите провокативни и исклучително опасни постапки се на работ на предизвикување отворена војна со Русија“, соопшти руското Министерство.

Меѓу низата обвинувања се наведува дека Естонија „тајно“ ѝ дозволила на Украина да го користи нејзиниот воздушен простор за напади врз руски цели.

Русија, исто така, ја обвини Естонија за обиди да го попречи движењето на руските товарни бродови во Балтичкото Море, за забрана на транзитот на руско и белоруско жито, за настојувања да се забрани рускиот јазик, како и за закани за затворање на Руската православна црква.

„Руската страна го задржува правото да преземе сеопфатни политички и дипломатски мерки насочени кон заштита на националните интереси на Русија и легитимните права на нејзините граѓани“ – соопшти Министерството.

Естонското Министерство за надворешни работи во своето соопштение не одговори на сите обвинувања, но го отфрли тврдењето дека ѝ дозволува на Украина да ја користи нејзината територија за воени операции.

„Иако вообичаено не го коментираме ниту одговараме на рускиот пропаганден наратив, во овој случај можеме да повториме дека Естонија никогаш не дозволила, ниту некогаш ќе дозволи нејзината територија да се користи за воени операции на друга држава“, се наведува во соопштението.

„И други земји во нашиот регион јасно го изнесоа истиот став“, додаде Министерството.

Русија веќе подолго време ги обвинува Естонија и другите балтички земји членки на НАТО дека им дозволуваат на украинските беспилотни летала да го користат нивниот воздушен простор. Украинските беспилотни летала често навлегуваат во воздушниот простор на НАТО, што, според Киев, е последица на руското попречување на сигналите.

Земјите членки на НАТО повеќепати ги отфрлија тврдењата дека дозволуваат користење на нивниот воздушен простор за прелетување на беспилотни летала и ја обвинија Русија за тие нарушувања, истакнувајќи дека токму таа во 2022 година ја започна војната против Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зборувајќи во Берлин, ја спомена ситуацијата во Естонија, како и минатонеделното навлегување на руски ракети во полскиот воздушен простор. Тој рече дека Алијансата ги следи настаните и располага со можности за одговор.

– Ја следиме ситуацијата во Полска, Естонија и на други места – изјави Руте.

– Кога станува збор за воената област, секогаш ќе ги проценуваме нашите капацитети за одвраќање и одбрана и, по потреба, ќе ги ажурираме – вети тој. 

Ad
Ad