Connect with us

Регион

Герапетритис: Централната порака од денешната средба е јасна, местото на Западен Балкан е во Европската Унија

За Грција, европскиот пат на Западен Балкан отсекогаш претставувал стратешка определба. Западен Балкан е наше соседство, регион со кој нè поврзуваат силни историски врски, заеднички предизвици и заедничка иднина, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по состанокот во Атина на групата „Пријатели на Западен Балкан“ и нагласи дека „централната порака од денешната средба е јасна: местото на Западен Балкан е во Европската Унија“, јави дописничката на МИА од Атина.

По завршувањето на министерскиот состанок, Герапетритис нагласи дека широкото учество ја потврдува заедничка волја „да ја одржиме динамиката на проширувањето и да обезбедиме тоа да остане високо на приоритетите на Европската Унија“, повтори дека членството во ЕУ претставува инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион и уште еднаш ја истакна грчката поддршка за земјите од Западен Балкан.

Потсети на Солунската агенда од 2003 година, кога, како што рече, Грција ја стави европската перспектива на Западен Балкан во центарот на европската агенда, а сега по повеќе од две децении, „оваа посветеност останува непоколеблива“ и „добива уште поголемо значење во сложеното и неизвесно меѓународно геополитичко опкружување“.

Објасни дека во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во четврток во Брисел, „денешната средба претставуваше значајна можност за суштинска и искрена размена на мислења, но и за обновување на политичка посветеност на европската интеграција на нашиот регион“.

– Во таа рамка разговаравме за напредокот на нашите партнери, за прашањата што сè уште остануваат отворени, како и за следните чекори на нивниот европски пат. Поконкретно, го препознавме значителниот напредок постигнат во неколку земји од регионот, како резултат на политичката волја и спроведувањето суштински реформи. Истовремено, ја нагласивме потребата од забрзување на напорите со цел да се искористи актуелниот момент, нагласи Герапетритис.

Додаде дека ставот на Грција е јасен, односно дека проширувањето мора да ја задржи својата динамика, без да се доведе во прашање неговиот кредибилитет и дека процесот мора да остане заснован на заслуги, со целосно почитување на процедурите предвидени со договорите и без институционални отстапувања.

Нагласи дека целта е да им се помогне на партнерите да одговорат на барањата за членство.

– Токму затоа ставивме посебен акцент на реформите поврзани со темелните услови на пристапниот процес: владеењето на правото, независноста на судството, демократското управување, заштитата на основните права, вклучително и правата на малцинствата, слободата на медиумите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, претставуваат неопходни предуслови за членство во Европската Унија, посочи Герапетритис и ја повтори поддршката на Грција „за партнерите од Западен Балкан во нивните напори да ги исполнат условите за членство, со цел нивната европска перспектива да се претвори во опиплива реалност“.

Рече дека во рамките на денешните активности имал можност да оствари и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Албанија, Австрија, Северна Македонија, Словачка, Словенија и Унгарија и Косово.

Ad
Ad