Connect with us

Свет

Маѓар ќе побара од Зеленски да го забрза исполнувањето на обврските кон унгарското малцинство во Украина

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека од украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе побара да го скрати рокот во кој Украина треба да ги исполни преземените обврски во однос на унгарското малцинство во областа Закарпатија, во западниот дел на земјата.

Маѓар ова го порача во видеообраќање објавено на Фејсбук, додека патуваше кон Закарпатија пред денешните најавени разговори со Зеленски. Тој посочи дека еден од претходните услови за уредување на билатералните односи бил украинската страна да се обврзе на враќање на основните човекови права на унгарската заедница во областа.

– Мило ми е што, со учество на претставници на унгарското малцинство, унгарската и украинската влада успеаја многу брзо да постигнат договор за десет точки со кои се враќаат основните права на унгарското малцинство во однос на употребата на јазикот и образованието – рече тој, додавајќи дека од Зеленски ќе побара да ги скрати роковите за исполнување на овие обврски, за да се осигура дека ветувањата ќе бидат реализирани што е можно поскоро.

Конкретизирајќи ги барањата, Маѓар изјави дека од Зеленски ќе побара да овозможи употреба на унгарскиот мајчин јазик во Украина, по можност уште оваа година, а најдоцна до почетокот на следната, во области како што се болничките услуги, социјалните установи, домовите за стари лица и спортските настани. Тој, исто така, ќе побара од Украина да дозволи употреба на унгарските национални симболи, на пример за време на националните празници, а оцени и дека е сосема оправдано Унгарците што живеат во Закарпатија, а не само странските посетители, да имаат можност да побараат туристички тури на унгарски јазик, на пример, при посета на замокот во градот Мукачево.

– Се надевам дека овие разговори ќе бидат продуктивни. Верувам дека ова е историски ден и добра можност украинско-унгарските односи да се постават на нови основи и, како што е случајот со нашите други соседи, да се обнови довербата – изјави Маѓар.

Тој додаде дека ја пренесува солидарноста и пораката на унгарскиот народ и до Унгарците во Закарпатија и до народот на Украина. – Ние сме на страната на Украина против рускиот агресор – порача тој.

Маѓар соопшти дека во посетата го придружува министерката за надворешни работи Анита Орбан и дека во Закарпатија двајцата ќе се сретнат со лидерите на унгарската заедница и со „своите унгарски браќа“. Премиерот додаде дека ќе посетат неколку населени места и институции поврзани со унгарската заедница, ќе одржат неколку важни разговори, а на враќање ќе се сретнат и со унгарски семејства, потсетувајќи дека ниту еден унгарски премиер не ја посетил областа од 2015 година.

Тој посочи дека, иако во текот на денот повеќепати давал информации за посетата, од безбедносни причини нема да има директни видеопреноси и дека однапред не може да открие кои градови и села ќе ги посетат за да ги одржат средбите.

Ad
Ad