Connect with us

Економија

Божиновска: Македонија е поинаква отколку пред две години – создаваме решенија што траат, создаваме иднина

Македонија е поинаква отколку пред две години. Создаваме решенија што траат, создаваме иднина. Нашата одговорност е одлуките што ги носиме денес да обезбедат сигурност за генерациите што доаѓаат – порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во обраќањето со кое го отвори првиот форум за енергетска дипломатија, што се одржува во Скопје.

Како што истакна Божиновска, енергетиката одамна не е само прашање на производство, снабдување и цени.

– Од енергетиката зависат националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност. Војната во Украина и кризите на Блискиот Исток ни покажаа колку бргу случувањата надвор од нашите граници може да се одразат врз секој дом, секоја компанија и секоја држава. Во такви услови дипломатијата е еден од најважните инструменти на енергетската политика. Преку неа градиме доверба, отвораме нови правци за снабдување и поврзуваме пазари. Така создаваме партнерства што траат подолго од еден политички мандат – напомена министерката.

Затоа, рече, се организира овој форум.

– Сакаме Скопје да биде место каде што заедничките предизвици ќе добијат заеднички решенија, а разговорите ќе водат до конкретна соработка. Нашата амбиција е да бидеме активен партнер во енергетските процеси и да учествуваме во обликувањето на одлуките што нè засегаат сите – потенцира Божиновска.

Според неа, стратешката положба на Македонија овозможува да бидеме важна енергетска врска во регионот.

– Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција и со планираното поврзување со Србија работиме на отворање нови правци за снабдување. Со развојот на мрежите и подоброто поврзување на пазарите придонесуваме за енергетската сигурност и на регионот и на Европа. Европската енергетска сигурност не завршува на границите на ЕУ. Таа зависи и од тоа колку е отпорен, поврзан и стабилен Западен Балкан. Затоа, регионалната соработка е заедничка потреба и не можеме да ја одложуваме – посочи министерката.

Според неа, дел од таа определба се и нашите партнерства со Соединетите Американски Држави, со Хрватска и со други европски партнери.

– Успехот на дипломатијата нема да го мериме по бројот на потпишани документи, туку по проектите што ќе ги реализираме, по инвестициите што ќе ги овозможиме и по сигурноста во снабдувањето што ќе ја почувствуваат граѓаните. Нашата земја денес е поинаква отколку пред две години. Денес, знаеме каде одиме, што сакаме да постигнеме и каква енергетска иднина сакаме да оставиме зад нас. Таа определба ја претвораме во конкретни проекти, нови инвестиции и стратешки партнерства. Со секој нов капацитет и секое ново поврзување ја намалуваме зависноста и се приближуваме кон нашата цел – енергетска независност – рече Божиновска.

Покрај министерката, се обратија и постојната координаторка на ОН во земјата, Рита Колумбија, како и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Арменд Грегоријан.

На форумот „Обновливи извори и жените во енергетиката“ присуствуваат над 200 домашни и странски гости, а учествуваат повеќе од 15 говорници, панелисти и модератори.

Според агендата, ќе се дискутира за енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор. Предвидено е и потпишување декларација за поголемо учество на жените во енергетиката.

Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

Ad
Ad