Свет
Полска наскоро воведува зона забранета за летови на источната граница
Полска планира да воспостави зона забранета за летови долж својата источна граница, како дел од напорите за зајакнување на безбедноста на источното крило на НАТО – изјави денеска заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик.
– Сакаме регулативата да стапи во сила кон крајот на декември или на почетокот на јануари – изјави Томчик за полското радио РМФ24 (RMF24). – Ограничената зона ќе се протега од десетина до неколку десетици километри од источната граница на Полска – рече тој.
Објавата следува неколку дена откога полските обвинители соопштија дека на 20 ноември три руски крстосувачки ракети Х-101 паднале во источниот дел на Полска.
Томчик истакна дека заштитата на источното крило на НАТО останува приоритет, посочувајќи ги мерките како што се одбранбената програма „Источен штит“ и распоредувањето борбени авиони за заштита на полскиот воздушен простор.
Тој рече и дека Полска пред околу два месеца ги ревидирала процедурите за своите пилоти, заменувајќи ја визуелната идентификација со позитивна идентификација на странски авиони и потенцијални воздушни закани.
На прашањето дали руските ракети би можеле да бидат пресретнати над украинскиот воздушен простор пред да стигнат до територијата на НАТО, Томчик одговори дека за таква акција би била потребна заедничка одлука на сите земји членки на Алијансата.
Ако сакаме да донесуваме крупни одлуки, особено во врска со воздушниот простор над Украина, тоа секогаш мора да биде одлука на целото НАТО, изјави тој, додавајќи дека Алијансата засега не го поддржува овој предлог поради различни компликации.
ноември 25, 2026


