Свет
Австралија и Соломоновите Острови потпишаа нов договор за безбедносна соработка
Премиерите на Австралија и Соломоновите Острови денеска потпишаа билатерален договор за безбедност, по информациите дека малата островска држава во јужниот дел на Тихиот Океан нема да го продолжи тајниот договор за одбрана со Кина, склучен на пет години.
Со новиот договор се потврдува позицијата на Австралија како „главен партнер во областа на безбедноста“ на Соломоновите Острови, а предвидено е дека „на територијата на земјата нема да има странска воена или безбедносна база“, се наведува во заедничката изјава на австралискиот премиер Ентони Албанезе и неговиот колега од Соломоновите Острови, Метју Вејл.
Станувз збор за најновиот во низата билатерални безбедносни договори што Австралија ги склучува со соседните земји во Пацификот, откако Пекинг во 2022 година потпиша договор со тогашната влада на Соломоновите Острови. Тоа предизвика загриженост дека кинеската морнарица би можела да воспостави воена база во јужниот дел на Тихиот Океан.
Вејл не ги потврди, но ниту ги демантираше медиумските информации дека неговата влада го известила Пекинг оти безбедносниот договор со Кина, врз основа на кој кинески полициски инструктори беа испратени во главниот град Хонијара, нема да биде продолжен по истекот на петгодишниот рок на почетокот на 2027 година.
„За жал, договорот со Кина содржи клаузула за неразгласување информации. Затоа не можам да зборувам за ова прашање. Продолжуваме со разговорите со Кина“, изјави Вејл на прес-конференција со Албанезе во зградата на Австралискиот парламент.
„Како што знаете, во изминатите неколку години Соломоновите Острови беа извор на несигурност и сомнежи во регионот. Тоа време помина. Заврши. Не сакаме повторно да се враќаме на таквата состојба“, додаде тој.
Во Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џакун, не одговори директно на новинарско прашање дали Соломоновите Острови најавиле дека ќе го прекинат безбедносниот договор.
„Кина секогаш се придржува до принципите на заемно почитување и еднаквост во развојот на односите со Соломоновите Острови“, изјави портпаролот, додавајќи дека соработката меѓу Кина и островските држави во Тихиот Океан, вклучително и Соломоновите Острови, не содржи елементи на геополитичко ривалство или конфронтација меѓу блокови.
Договорот со Австралија има поширок опсег и не се однесува само на безбедноста. Канбера се обврзала да инвестира и во инфраструктурата, образованието, обновливите извори на енергија и спортот на Соломоновите Острови.
ноември 25, 2026


