Технологија
Трамп ја преименува ВИ во суперинтелигенција, но терминот веќе значи нешто друго
Поинтер (Институт за медиумски студии Поинтер) – Сент Питерсбург
Седнат во ред со највлијателните лидери во областа на вештачката интелигенција, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ја преименува самата технологија.
„Не е вештачка. Сите се согласуваме со тоа“, рече тој на 29 септември.
Истиот ден Трамп потпиша извршна наредба со која им наложува на сите владини одделенија и агенции во службените комуникации да го користат терминот суперинтелигенција, или СИ наместо ВИ. Наредбата бара терминот суперинтелигенција да се користи наместо поимот за технологиите и системите опишани во постојната дефиниција за ВИ според американскиот закон.
Има еден проблем: индустријата за ВИ веќе го користи терминот суперинтелигенција и тој значи нешто сосема поинакво од новата владина дефиниција. Тоа е вид ВИ што сè уште не постои.
Суперинтелигенцијата е ВИ што ја надминува човечката когнитивна способност во речиси сите области – нешто што индустријата во голема мера се согласува дека ниеден систем сè уште го нема постигнато. Но тој ден повеќе не изгледа толку далечен.
Раководните лица на водечките американски компании за ВИ повикаа на забавување на развојот поради ризиците за човештвото. Трамп ги отфрли тие повици велејќи дека предупредувањата оти ВИ ќе доминира над луѓето се измислица.
Трамп има историја на присвојување зборови и менување на нивните дефиниции за да одговараат на неговите наративи. Тој го искриви значењето на поимот лажни вести од лажни онлајн-приказни во навреда насочена кон легитимното новинарство. Исто така, глобалното затоплување, истрагите за неговите кампањи и досиејата за Џефри Епстин ги означи како измислици.
Неговата наклонетост кон терминот суперинтелигенција се вклопува во желбата да остане пред Кина во трката за ВИ. Алудирајќи на луѓе како сенаторот Берни Сандерс (независен пратеник, Вермонт), кои сакаат да го ограничат развојот на ВИ, Трамп рече на 30 септември: „Ако престанете да работите, некој друг ќе го направи тоа. И кој ќе ја освои суперинтелигенцијата, тој победува… А во моментот има двајца играчи. Тоа сме ние и Кина“.
Состанокот на лидерите на ВИ во Белата куќа доведе и до потпишување доброволна рамка за саморегулација на компаниите за ВИ. Сè уште нема федерален закон што ја регулира ВИ, а камоли СИ.
„Многу е важно дефиницијата да биде точна при какви било обиди да се регулира оваа технологија што се развива исклучително бргу“, рече Баобао Џанг, вонредна професорка на Универзитетот „Сиракјус“, која ги проучува политиките за ВИ. „Другата грижа е дека може да постојат системи на ВИ, што во моментот не влегуваат во овие дефиниции, а сепак може да им нанесат голема штета на луѓето, вклучително и катастрофална“.
Терминот суперинтелигенција датира од 90-тите
Трамп објави анкети на „тру соушал“ и на „Икс“ во септември барајќи од корисниците да гласаат за алтернатива на ВИ, велејќи дека името е „неточно и многу неелегантно“. Опциите вклучуваа супериорна интелигенција, екстремна интелигенција и врховна интелигенција.
Оваа иницијатива не е нова: Трамп размислува за промена на името на ВИ најмалку од јули 2025 година.
„Во целиот свет сите зборуваат за вештачка интелигенција“, рече тој. „Мислам дека е премногу вештачка – не можам да го поднесам тоа. Дури и не ми се допаѓа името. Знаете, не ми се допаѓа ништо што е вештачко. Значи, можеме ли да го средиме тоа, ве молам? Треба да го промениме името. Навистина мислам така. Не ми се допаѓа поимот вештачко затоа што не е вештачко. Тоа е генијалност. Чиста генијалност“.
Терминот датира од 1998 година кога филозофот Ник Бостром даде временска рамка за постигнување суперхумана вештачка интелигенција. Тој ја дефинира суперинтелигенцијата како „интелект што е многу попаметен од најдобрите човечки умови во практично секоја област, вклучувајќи ги научната креативност, општата мудрост и социјалните вештини“.
Денес, кога луѓето од индустријата зборуваат за ВИ, коај е помоќна од луѓето, почесто го користат терминот вештачка општа интелигенција или ВОИ.
„Постои несогласување за тоа дали сегашните системи на ВИ го достигнале тоа ниво на интелигенција, а и самата терминологија е предмет на дебата“, рече Џанг.
Суперинтелигенцијата оди чекор подалеку од ВОИ
Водечките компании ја гледаат суперинтелигенцијата како врв на ВИ
По налог на Трамп, во материјалите наменети за јавноста има малку или речиси никакви промени во тоа како лидерите на индустријата зборуваат за ВИ, иако некои го прифатија терминот суперинтелигенција повеќе од другите.
Илон Маск, на пример, рече дека ќе ја преименува xAI (AI-компанијата што ја основа) во xSI. Во Белата куќа на 29 септември извршниот директор на „Нвидија“ (Nvidia), Џенсен Хуанг, ги нарече центрите за податоци фабрики за суперинтелигенција.
Системите на ВИ, познати на повеќето луѓе, спаѓаат во ВИ со општа намена, кои може да создаваат текст и слики. „Чет џи-пи-ти“ е таков пример. Но, и покрај тоа колку може да биде прецизна, ВИ со општа намена, според меѓународниот извештај за безбедност на ВИ од 2026 година, останува неизедначена: одлична во некои задачи, а неуспешна во други.
Суперинтелигенцијата би била погрешен опис за ВИ со општа намена, како и за поспецифичните системи на ВИ, како што се самоуправувачките автомобили или ВИ што дијагностицира медицински проблеми, рече Џанг.
Компаниите имаат разни внатрешни дефиниции за својата технологија. Во 2023 година, автори од Google DeepMind се обидоа да ги рангираат нивоата на ВОИ. Тие го класифицираа „Чет џи-пи-ти“, водечкиот модел на „Опен ВИ“, како ниво 1, што значи „еднакво или малку подобро од неквалификуван човек“. Нивоата над тоа, од кои највисокото беше вештачка суперинтелигенција – за општа ВИ што ги надминува 100 % од луѓето – сè уште не се постигнати.
„Опен ВИ“ во 2023 година објави текст на својот блог за управувањето со технологијата повикувајќи на нејзин безбеден развој.
Во 2025 година суперинтелигенцијата стана цел на компанијата. Извршниот директор Сем Алтман напиша дека ВОИ е достижна и дека „почнуваме да ја насочуваме нашата цел подалеку од тоа, кон суперинтелигенција во вистинска смисла на зборот“.
Други компании за ВИ ја споделија истата визија. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, го објави основањето на Meta Superintelligence Labs таа година во потрага по лична суперинтелигенција за секого. „Мајкрософт ВИ“ соопшти дека формирал тим за суперинтелигенција што работи кон хуманистичка суперинтелигенција, односно напредна ВИ што работи „во служба на луѓето и човештвото“ и не извршува задачи со висока автономија.
„Влегуваме во нова ера“, рече Крис Лехејн, главен директор за глобални работи на „Опен ВИ“, во интервју за Си-ен-ен на 2 октомври. Прашан дали технологијата ја достигнала суперинтелигенцијата, Лехејн рече дека тоа е субјективно.
Како лидерите во Конгресот ја опишуваат суперинтелигенцијата
Некои законодавци се обидоа да се справат со заканата од суперинтелигенцијата. Американските сенатори Џош Холи (републиканец, Мисури) и Ричард Блументал (демократ, Конектикат) во 2025 година поднесоа предлог-закон што ја дефинира вештачката суперинтелигенција како ВИ, која им овозможува на уредите или софтверот да „се изедначат или да ги надминат човечките когнитивни перформанси и способности во повеќето домени или задачи“ и која може да работи автономно и да се менува без човечка интервенција.
Сандерс и претставникот Грег Касар (демократ, Тексас), меѓу другите, исто така поднесоа предлог-закон со кој се бара пауза во развојот на напредната ВИ и забрана на суперинтелигентната ВИ дефинирајќи ја во слични термини, како „Холи“ и „Блументал“.
Изгледа дека американските гласачи се согласуваат со ова. Анкетата од септември покажа дека 68 % поддржуваат предлог-закон што бара такво забавување и забрана.
„Луѓето се повеќе исплашени отколку возбудени од ВИ“, рече Томас Хејг, професор на Универзитетот „Висконсин-Милвоки“ и историчар на компјутерите и информатичката технологија. „Малку е веројатно дека преименувањето во суперинтелигенција ќе ги смири.“
октомври 10, 2026

