Connect with us

Култура

МТФ Скупифестивал успешно го заокружи 20. јубилејно издание со осум претстави од регионот и Европа

Меѓународниот театарски фестивал Скупифестивал успешно го заокружи своето 20. јубилејно издание, кое од 10 до 17 октомври се одржа во Албанскиот театар во Скопје, со осум театарски продукции од регионот и Европа. Наградата за најдобра претстава ѝ припадна на „Тие веќе ги нема“ од Дорунтина Баша, во режија на Андреј Носов, додека актерката Мирјана Карановиќ ја доби наградата „Луран Ахмети“ за нејзиното остварување во истата претстава.

Во текот на седумте фестивалски дена, публиката имаше можност да проследи продукции од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и Србија, како и меѓународни копродукции со учество на партнери од Шведска, Украина и Грузија. Програмата понуди различни уметнички пристапи и сценски изрази, потврдувајќи ја улогата на фестивалот како платформа за меѓународна културна размена.

Јубилејното издание беше отворено со претставата „Unrecognized“, од Давит Габунија и Јетон Незирај, во режија на Дата Тавадзе. За актерските остварувања во оваа меѓународна копродукција, жирито додели специјална награда за актерски ансамбл на Шќелќим Ислами, Катерина Кистен, Като Калатозишвили, Марија Салома, Елен Јелинек и Јоханес Ванселов.

Специјалната награда за актерска игра му припадна на Бујар Ахмети за улогата на Лека во претставата „Гнасотија“, од авторот и режисер Астрит Кабаши, во продукција на Националниот театар на Косово во Приштина.

Во рамките на фестивалската програма беа изведени и „Хамлет“, во режија на Јонида Беко, „Sexoholic“ од Гжегор Кемпински, „Работи што не се кажуваат“ од Марија Иванов, „Прво лице еднина“, во режија на Драгана Гунин, како и „Богот на масакрот“ според делото на Јасмина Реза. Претставата „Прво лице еднина“ беше вклучена како замена за најавената „Мухамед Али“, откако турскиот театар „Јолџу“ од Истанбул го известил фестивалот дека нема да може да учествува.

За наградите одлучуваше жирито во состав Мерита Чоќоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили.

Со јубилејното издание, Скупифестивал одбележа две децении посветеност на современиот театар и меѓународната соработка. Фестивалот низ годините создава простор за средби на уметници, театарски институции и публика од различни земји, придонесувајќи за збогатување на културниот живот во Скопје и за развој на регионалната и европската сценска уметност.

Фестивалот го раководи Музбајдин Ќамили – Муќи, претседател на Уметничкиот совет е Сенко Велинов, а уметнички директор е Осман Ахмети. Дел од организацискиот тим се Куштрим Бектеши и Бетим Зеќири. Координатор на фестивалот е Џанер Мусиќ, додека графичкиот дизајн го изработи Eggra.

Реализацијата на 20. издание беше поддржана од Министерството за култура на РС Македонија, „Уји Тепелена“ и медиумските партнери, меѓу кои „Коха“, телевизијата „Алсат-М“ и Македонската радио-телевизија.

Ad
Ad