Култура
Концерт на пијанистката Андријана Арлен во Велес
Пијанистката Андријана Арлен, велешанка која живее во Шведска, на 31 октомври во 20 часот во салата на Театарот во Велес ќе одржи свој концерт, прв по 20 години во нејзиниот роден град, со што ја започнува нејзината голема концертна турнеја низ Македонија насловена „ARLEN –Silver Night“.
На концертот ќе настапи и камерниот оркестар „Дива“ од Битола, како и познатиот саксофонист Љупчо Станковски Saxman од Скопје и соло пеачот Дарко Тодоровски, популарен и надвор од границите на Македонија.
Како што појасни Aрлен на прес-конференција, концертот ќе изобилува со класична crossover музика, преработки на многу популарни класични дела од Бетовен, Шопен, Рахмањинов…
- На концертот ќе изведам и многу мои авторски композиции заедно со камерниот оркестар „Дива“ од Битола. Најмногу се инспирирам од филмска музика и на концертот ќе има и филмски теми од два познати филма, а другите изведби се мои композиции со модерна класична клавирска музика, најави Арлен.
Таа својата музичка кариера ја започнала на 11-годишна возраст со земање приватни часови по пијано, а завршила средно музичко училиште и Музичка академија во Скопје, потоа и две магистратури на Музичка академија во Малме во Шведска, каде денес живее и работи. Првично една година работела на Музичката академија како асистент на својата професорка, а сега работи во музичко училиште во Малме, но е и слободен уметник и моментало се’ повеќе се фокусира на концертите.
На новинарско прашање какви се нејзините очекувања од концертот во Велес,таа одговара дека се поделени.
-Моите очекувања се поделени, затоа што мислам дека луѓето сеуште незнаат на каков концерт доаѓаат, а од друга страна мислам и знам дека ќе се воодушеват, вели Арлен.
На прес-конференцијата таа се обиде со изведба на клавир на нејзина авторска композиција пред новиарите, блиски и пријатели, како што вели, барем малку да им ја долови атмосферата од концертот, која, посочува, ќе биде многу поимресивна и потемпераментна.
По Велес, на 12 ноември Андријана Арлен ќе настапи во Битола, на 14 ноември во Штип и на 7 декември во Филхармонијата во Скопје, кој е завршен концерт за оваа година.
Концертната турнеја таа најави дека ќе ја продолжи напролет во сите поголеми градови во Македонија.
октомври 16, 2026


