Филм
Новиот филм со Том Круз би можел да загуби и до 250 милиони долари
Филмот „Дигер“ (Digger), необичната сатира за крајот на светот со Том Круз во главната улога, би можел да предизвика загуба од неверојатни 250 милиони долари до крајот на своето киноприкажување, дури и кога ќе се земат предвид приходите по планираните прикажувања. Доколку проценката се оствари, тоа ќе биде убедливо најголемата финансиска загуба во кариерата на Круз и една од најголемите загуби за филмско остварување последниве години.
Претходните проценки говореа за загуба од околу 125 милиони долари, но таа состојба се влоши по ужасниот старт на филмот. Имено, и покрај буџетот од 173 милиони долари, „Дигер“ во првиот викенд заработи само 8 милиони долари во Северна Америка и вкупно 21 милион на светско ниво. Во трошоците покрај буџетот за филмот, маркетингот чинел дополнителни 100 милиони долари, главно поради промотивната турнеја на Том Круз. Според извори од креативната компанија „Скајденс“ (Skydance), филмот најверојатно нема да надмине 40 милиони долари заработка во киносалите ширум светот. Продукциската куќа „Ворнер брос“ (Warner Bros.) не сака да ги коментира наводите, објави порталот „Д реп“ (The Wrap).
Во оваа црна комедија, тој го глуми богатиот нафтен магнат Дигер Роквел, чии нафтени ископувања предизвикуваат светска еколошка катастрофа. Речиси непрепознатлив поради маската и протезите, Круз глуми остарен, дебел, ќелав милијардер кој живее со својата болна мачка и меѓу препарираните животни…
Реакциите на критичарите биле поделени – дел од нив го оцениле филмот како збунувачки, додека други го пофалиле како смела и комично претерана сатира.
Филмот првично беше најавуван како успешен потфат бидејќи го означуваше почетокот на новиот договор меѓу Том Круз и „Ворнер брос“, а неговото спојување со режисерот Алехандро Ињариту – двократен последователен добитник на „Оскар“ за режија, изгледало како сигурна комбинација. По промените во раководството и отпуштањата, „Скајденс ќе има нова можност да соработува со Круз преку „Денови на грмотевицата 2“ (Days of Thunder 2), чијашто продукција треба да почне следната година, со Ен Хатавеј во женската главна улога.
октомври 9, 2026


