Интервјуа
Ѓурчевски: Договорот со Хрватска цврста основа за уште потесна соработка, очекувам стратешкото партнерство да се преточи во конкретни резултати
Договорот за стратешка соработка со пријателска Хрватска претставува значаен исчекор во билатералните односи и потврда на заемната доверба, блискост и заедничка визија за иднината на двете земји. Станува збор за партнерство што ги опфаќа клучните области на енергетиката, економијата, безбедноста, инфраструктурното поврзување и евроинтеграциите. За нас, особено е значајна континуираната и принципиелна хрватска поддршка на нашиот европски пат, што беше дополнително потврдено и при средбите во Охрид – вели во интервју за МИА македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски.
Со амбасадорот Ѓурчевски разговаравме за неодамнешната посета на хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ на земјата во рамките на која тој и премиерот Христијан Мицкоски потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји, а исто така беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија.
Ѓурчевски нагласува дека договорот создава цврста основа за уште потесна институционална, економска и експертска соработка помеѓу двете држави и очекува стратешкото партнерство во наредниот период да се преточи во конкретни резултати, кои ќе придонесат за зголемена трговска размена, нови инвестиции, заеднички енергетски и инфраструктурни проекти, како и продлабочена соработка во рамките на европските политики и регионалната безбедност.
Во интервјуто разговаравме за поддршката на Хрватска во процесот на евроинтеграцијата, за пораката на Пленковиќ дека во ЕУ „не може да има кратенки за едни, а бавност за други“, за ризикот Западен Балкан да остане во втор план во однос на Украина…
Ѓурчевски вели дека поддршката за Украина и политиката на проширување кон Западен Балкан треба да се гледаат како комплементарни, а не конкурентни процеси, со цел зачувување на кохерентноста и кредибилитетот на европската интеграција.
Македонскиот амбасадор истакна дека Пленковиќ испратил важна порака во насока на зачувување на кредибилитетот, предвидливоста и еднаквиот третман на сите земји кандидати. Во таа смисла, додава тој, секој пристап што би создавал поинаква динамика или неурамнотеженост во процесот природно отвора прашања за неговата доследност и одржливост.
– Нашиот став е јасен и конзистентен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, реални реформи и исполнување на утврдените критериуми, без дополнителни политички условувања, кои би можеле да ја нарушат предвидливоста на процесот – потенцира Ѓурчевски.
Во интервјуто говори и за тоа колку е разбрана македонската позиција дека има повеќе простор за идентитетски отстапки од страна на Загреб, но и во самата ЕУ, како и за животот на Македонците во Хрватска.
Во продолжение следува целото интервју со македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски:
Хрватска и Македонија стануваат стратешки партнери. Премиерите на двете земји неодамна во Охрид потпишаа договор со кој се предвидува засилена соработка во полето на енергетиката, економијата, безбедност и евроинтеграциите. Какво значење има овој договор и какви конкретни резултати очекувате од него во наредниот период?
Договорот за стратешка соработка со пријателска Хрватска претставува значаен исчекор во билатералните односи и потврда на заемната доверба, блискост и заедничка визија за иднината на двете земји. Станува збор за партнерство што ги опфаќа клучните области на енергетиката, економијата, безбедноста, инфраструктурното поврзување и евроинтеграциите. За нас, особено е значајна континуираната и принципиелна хрватска поддршка на нашиот европски пат, што беше дополнително потврдено и при средбите во Охрид. Истовремено, договорот создава цврста основа за уште потесна институционална, економска и експертска соработка помеѓу двете држави. Очекуваме ова стратешко партнерство во наредниот период да се преточи во конкретни резултати, кои ќе придонесат за зголемена трговска размена, нови инвестиции, заеднички енергетски и инфраструктурни проекти, како и продлабочена соработка во рамките на европските политики и регионалната безбедност.
Премиерите Мицкоски и Пленковиќ најавија продлабочување на економската соработка, особено во енергетиката, транспортот и инфраструктурата. Дали очекувате нов бран хрватски инвестиции во Македонија и кои сектори се најатрактивни за хрватските инвеститори?
Очекувам договорот за стратешка соработка да даде нов импулс на економската соработка и да поттикне поголем интерес на хрватските компании за инвестирање во нашата држава. Посебен потенцијал постои во енергетиката, транспортната и во инфраструктурната поврзаност, како и во дигиталната трансформација и обновливите извори на енергија. Нашата земја нуди стабилна и конкурентна бизнис-клима и претставува добра платформа за пристап до регионалните пазари. Убеден сум дека во наредниот период, врз основа на одличните политички односи и новото стратешко партнерство, ќе видиме нови инвестиции, заеднички проекти и натамошно зголемување на меѓусебната трговска размена.
На средбите во Охрид беше отворено и прашањето за енергетската безбедност и регионалните интерконекции. Колку соработката меѓу Македонија и Хрватска може да придонесе за поголема енергетска стабилност на регионот?
Енергетската безбедност е едно од клучните прашања за иднината на нашиот регион, а токму затоа соработката со Република Хрватска има особено значење. Стратешкото партнерство отвора нови можности за енергетска диверзификација, инфраструктурно поврзување и координација во рамките на европските енергетски политики. Хрватска со своето искуство и развиени енергетски капацитети претставува важен партнер во зајакнувањето на енергетската сигурност на регионот. Очекувам оваа соработка да придонесе за поголема стабилност, отпорност и предвидливост во снабдувањето со енергенти, што е од заеднички интерес не само за двете земји туку и за поширокиот регион на Југоисточна Европа.
Хрватска е еден од најсилните поддржувачи на македонските евроинтеграции. Каква конкретна помош може Македонија да очекува од Загреб во процесот на отворање и затворање на преговарачките поглавја?
Република Хрватска е еден од најгласните и најконзистентни поддржувачи на нашата европска перспектива. Таа ќе продолжи активно да ги поддржува процесот на проширување и европската интеграција на нашата земја споделувајќи го сопственото искуство од преговарачкиот процес со Европската Унија. За нас, особено е значајна хрватската експертска, техничка и институционална поддршка во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европското законодавство. Очекувам соработката дополнително да се продлабочува преку размена на искуства, обуки и партнерства меѓу институциите, со цел поефикасно напредување во пристапниот процес кон Европската Унија.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека не може да има „кратенки за едни, а бавност за други“ во процесот на проширување на ЕУ. Како го толкувате предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и дали постои ризик Западен Балкан да остане во втор план во однос на Украина?
Изјавата дека „не може да има кратенки за едни, а бавност за други“ во процесот на проширување на Европската Унија претставува важна порака во насока на зачувување на кредибилитетот, предвидливоста и еднаквиот третман на сите земји кандидати. Во таа смисла, секој пристап што би создавал поинаква динамика или неурамнотеженост во процесот природно отвора прашања за неговата доследност и одржливост. Нашиот став е јасен и конзистентен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, реални реформи и исполнување на утврдените критериуми, без дополнителни политички условувања, кои би можеле да ја нарушат предвидливоста на процесот. Во однос на поширокиот регионален контекст, јасно е дека Западен Балкан не смее да остане во втор план. Стабилноста и европската перспектива на регионот се суштински дел од вкупната безбедносна и политичка архитектура на Европската Унија. Во таа насока, поддршката за Украина и политиката на проширување кон Западен Балкан треба да се гледаат како комплементарни, а не конкурентни процеси, со цел зачувување на кохерентноста и кредибилитетот на европската интеграција.
Македонската Влада нагласува дека ќе продолжи со реформите и со исполнување на европската агенда, но истовремено порача дека нема повеќе простор за идентитетски отстапки. Колку ваквата позиција е разбрана и поддржана во Хрватска и во рамките на Европската Унија?
Позицијата дека државата ќе продолжи со реформите и исполнувањето на европската агенда, но без дополнителни идентитетски условувања, е во рамките на конзистентен и јасно артикулиран пристап, кој се темели на принципот на фер и предвидлив процес на европска интеграција, заснован на критериуми и на Копенхашките стандарди. Овој став е во голема мера разбран и препознаен и во Хрватска, која останува силен поддржувач на политиката на проширување и на кредибилен пристап, кој се базира на заслуги, еднаков третман и почитување на интегритетот на процесот. Во рамките на Европската Унија, ваквите пораки се дел од пошироката дебата за зачувување на довербата во процесот на проширување и неговата доследност. Во тој контекст, реформската посветеност на земјата и инсистирањето на предвидлив и принципиелен процес се гледаат како комплементарни елементи на заедничката цел за унапредување на европската перспектива и зачувување на кредибилитетот на проширувањето.
Како живеат Македонците во Хрватска?
Македонците во Република Хрватска претставуваат добро интегрирана и активна заедница, која значајно придонесува за културниот плурализам и зајакнувањето на пријателските односи меѓу двете држави. Заедницата ужива поддршка од централните и локалните власти во Хрватска и е препознаена како важен дел од мултикултурното општество, што е во согласност со принципите на инклузивност и почитување на националните малцинства. Во секојдневниот живот Македонците се организирани преку многубројни културни, образовни и општествени активности, при што посебно место има МПЦО „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, која претставува духовно и културно собиралиште на заедницата и е симбол на зачувување на идентитетот. Дополнително, неодамна поставената биста на Блаже Конески во паркот „Бундек“ во Загреб претставува значаен културен чин на почит кон македонскиот јазик и литература и трајна врска со националното наследство. Особено значаен сегмент е и образованието, каде што учениците изучуваат македонски јазик во согласност со моделот Ц, што овозможува систематско изучување и зачувување на јазикот кај помладите генерации. Овие активности, заедно со континуираната поддршка од институциите, ја прават македонската заедница видлива, активна и успешно интегрирана, а воедно и цврсто поврзана со својот културен и национален идентитет.
Ана ЦВЕТКОВСКА
Извор: МИА
јуни 4, 2026
